Денеска среде предавање на 15. издание на Школата за млади лидери во Охрид се случила трагедија. На поранешниот премиер на Шкотска, Александар Елиот Андерсон Салмонд му се слошило и починал.
Брза помош и полиција биле веднаш повикани, но за жал само констатирале смрт. По наредба на јавен обвинител детали се очекуваат за утре. Од Министертвото за внатрешни работи информираат дека со обдукција дополнително ќе се утврдуваат причините за смртта. Салмонд починал околу 15.30 часот, откако му се слошило и паднал, во хотелот каде држел предавање.
„За жал, Алекс Салмонд, поранешниот прв министер на Шкотска кој беше еден од панелистите на вчерашниот форум за културна дипломатија што се одржа во Охрид, денес ненадејно почина“, потврдија од Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Во чест на Салмонд планирана е вечерна комеморација на која ќе се обрати поранешниот претседател Иванов, заменикот-генерален секретар на ОН Моратинос, како и дел од учесниците на форумот. На комеморацијата ќе присуствува и претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Алекс Салмонд ја формираше Алба партијата за независност во 2021 година и беше една од највлијателните личности во кампањата за независност на Шкотска.
„Тажната вест за смртта на Алекс Салмонд денеска ќе биде шокантна за сите што го познаваа во Шкотска, низ Обединетото Кралство и пошироко“, рече лидерот на шкотската лабуристичка партија Анас Сарвар во твит во саботата вечерта.
„Повеќе од 30 години, Алекс Салмонд беше монументална фигура на шкотската и британската политика. Зад себе остава трајно наследство“, се вели во изјавата на премиерот на Велика Британија, Кир Стармер.