Рускиот портал Инсајдер објави дека добил пристап до официјални документи поврзани со смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални,пренесува република.рс.
Порталот пишува дека има две верзии на документот потпишани од рускиот истражител Александар Варапаев. Тие се однесуваат на одлуката на рускиот истражен комитет да не отвора кривична постапка по смртта на Навални. Порталот пишува дека руските власти постојано ги отстранувале информациите за симптоми кои не одговараат на официјалната причина за смртта објавена од руската држава.
Претходната верзија ги опишува симптомите на Навални на следниов начин:
-На 16.02.2024 година осудениот А.А.Навални додека бил во дворот за вежбање почувствувал ненадејно влошување на неговата здравствена состојба, за што го известил дежурниот од установата, кој го извадил од вежбалиштето во просториите на делот бр. . 4. Таму, осуденикот А. А. Навални легнал на подот и почнал да се жали на остри болки во пределот на стомакот; почнал рефлексно да ја исфрла содржината на стомакот, имал грчеви и изгубил свест, што веднаш било пријавено кај медицинскиот персонал од воспитно-поправната установа.
Во подоцнежната верзија на истиот документ, која стана конечна, нема информации за болки во стомакот, повраќање или напади. Инсајдер пишува дека има пристап до друг документ кој содржи список на „конфискувани предмети“ земени од местото на смртта на Навални. Списокот вклучува „примероци од плунка“, за кои во документот се вели дека биле доставени на тестирање.
Сепак, информациите за прегледот, како и наодите од плунката, не се официјално објавени.
– Документите ги потврдуваат зборовите на Јулија Навални, која изјавила дека во последните минути пред смртта Алексеј се пожалил на акутни стомачни болки – пренесува Инсајдер.
Инсајдер го цитира лекарот Александар Полупан, кој го лекувал Навални во Омск по труењето со „новичок“ во 2020 година. Тој вели дека симптомите опишани во документите не се совпаѓаат со официјалната верзија.
-Официјалната причина за смртта, нарушување на срцевиот ритам, никако не би ги објаснила симптомите опишани во документите: остри стомачни болки, повраќање или напади. Овие симптоми тешко можат да се објаснат со ништо друго освен со труење. Краткиот интервал помеѓу абдоминална болка и конвулзии сугерира можност за изложеност на истата класа на супстанции како и новичок, но во овој случај можеби е администриран внатрешно, а не локално, изјави Полупан за Инсајдер.