Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија денеска ја усвои декларацијата за односите со Северна Македонија, предложена од крајнодесничарската партија „Преродба“, пренесува БТА.
Партиите застапени во парламентот најдоа консензус и се обединија околу текстот на декларацијата, која со мали амандмански корекции е едногласно усвоена во комисијата.
Повод за вонредниот состанок и усвојувањето на декларацијата, како што се наведува, „се низата антибугарски изјави на водечките политичари во Република Северна Македонија, кои имаат за цел да ги минираат билатералните односи и да ја претстават Бугарија во лошо светло пред европските партнери“, како и „одбивањето на РСМ да ги исполни условите предвидени во преговарачката рамка, што ќе и овозможи на земјата да започне вистински процес на преговори за европска интеграција“.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов, најави дека декларацијата денеска ќе биде усвоена од Народното собрание на Бугарија на пленарна седница.
– Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да си сноси одговорност, изјави Борисов