Политичарите од висок профил, вклучително и тие што извршуваат високи политички функции во текот на изминатите месеци не ретко ги користеа дезинформациите како алатки за комуникација со граѓаните. Така, премиерот Христијан Мицкоски се обиде да го релативизира потенцијалниот влез на унгарската телекомуникациска компанија I4G, изјавувајќи дека „разноразни приказни коишто се измислуваат” е партнерството на оваа компанија со кинески „Хуавеј“, иако е тоа факт.
За потпишувањето на партнерството информира I4G во објавата на мрежата Линкдин, каде пишува:
„Потпишан меморандум за соработка помеѓу 4iG и Huawei во име на 4iG Group, Гелерт Јазаи, претседател на Одборот и Питер Фекете, извршен директор на Групацијата, потпишаа Меморандум за разбирање во Кина со претседателот на Huawei, Лианг Хуа. Во однос на изјавата, двете компании можат да соработуваат во областите на развој на 5G и мобилни комуникации, како и развој на фиксна мрежа и техничко истражување, па може да обезбедуваат услуги во центарот за податоци, клауд, поврзување со податоци и ИТ инфраструктура“, стои во објавата.
Во друг случај, американската компанија „Вабтек“ премиерот Христијан Мицкоски ја најави како нова странска инвестиција, која ќе вложи 35 милиони евра во земјава со нови 100 работни места. Компанијата ќе инвестира во производство на сопирачки за шински возила.
Меѓутоа, оваа компанија во Македонија веќе 16 години работи како „Вебтек МЗТ“ АД и вработува 350 вработени. Погонот е во некогашниот МЗТ. Екс премиерот Димитар Ковачевски на 23 декември минатата година оствари официјална посета на погонот на „Вабтек“ во некогашниот МЗТ, за што информираа медиумите.
Опозициската СДСМ побрза да ги поврзе новите директори на МЕПСО и нивните високи плати со блиски на високи членови на ВМРО ДПМНЕ.
Всушност, исто име и презиме на едниот и речиси исто презиме на другиот, донесе уште една дезинформација во јавноста. Партијата СДСМ информираше дека во новиот Управен одбор на МЕПСО, чии членови се во исто време и директори во компанијата, се синот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, како и сопругата на водителот на ТВ Алфа, Богдан Илиевски, Анастасија Илиевска, која е исто така новинарка.
Новоизвраниот член на Управниот одбор на МЕПСО Иван Иванов е машински инжинер од Кочани, кој својот работен век го има поминато во Телеком, а беше и пратеник од овој град од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Анастасија Илиеска, која го потврди својот извор во УО на компанијата, живее во Прилеп и работи во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи како даночник. Дел од својот работен век има поминато и во Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според тоа, се работи за различни имиња, кои немаат врска со новинарката и синот на претседателот, и двајцата политиколози по образование.
Медиуми: Од Скопје до Белград за два часа со воз, но прво да се изгради брзата пруга
Брзиот воз од Белград за Скопје би патувал два часа со кинеска локомотивата, која ја промовираше српскиот министер за градежништво Горан Весиќ. Изјавата беше пренесена од повеќе македонски медиуми, без да се даде позадинска информација и да се каже дека пругата која се гради од српска страна се очекува да биде готова во 2029 година, додека од македонска страна нема ни најава.
Во февруари годинава беше потпишана првата транша од инвестицискиот грант за изградба на брзата пруга Белград – Ниш од 598 милиони евра како дел од финансискиот пакет на српската влада со Европската инвестициска банка (ЕИБ) за железничкиот Коридор 10.
Во ноември лани, Србија и Македонија, потпишаа Меморандум за соработка, за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10.
Најавено е формирање на работна група која ќе треба да го дефинира акциониот план со активности и динамика на реализација на овој проект.
„На македонска територија во првата фаза треба да бидат изградени 50 километри, а интенцијата е Коридорот 10 да биде целосно изграден до Солун и Атина. Комерцијалната брзина на пругата ќе биде најмалку 160 километри на час, но се разговара за зголемување на оваа брзина“, пишува во информацијата.
Во Србија почнаа градежните работи на брзата пруга од Белград кон Ниш, додека кај нас се’ уште не се почнати активностите. Српскиот министер Весиќ најави дека очекува средба со новиот македонски колега, министер за транспорт Александар Николоски.
Медиумите наседнаа на реакции на корисници на социјалните мрежи и без проверка побрзаа да пренесат предупредувања дека снимаат и казнуваат камерите по улиците и булеварите на Скопје. Всушност, тоа е пренесување на информацијата за тест периодот на поставениот систем. Веста беше дека за два часа се забележани 5.000 сообраќајни прекршоци. Тоа практично значи дека доколку камерите се во функција, бројот на прекршоци на возачите теоретски би бил десеткратно поголем.
Системот се’ уште се поставува. До крајот на летото, според најавите се очекува камерите кои ќе ловат прекршоци, да бидат функционални, кога на некој од нас, казна со фотографија од прекршокот ќе му стигне на домашна адреса.
Пожарите, пак, беа инспирација за повеќе дезинформации, вклучително и вознемирувачката вест проследена со фотографија, според која, огнена топка од воздух се упатува кон шумите со цел да предизвика пожар.Ваква информација која бргу се рашири по социјалните мрежи беше објавена на Фејсбук, а потоа без никаква проверка пренесена од повеќе портали, каде се тврди дека ваков огнен балон е фотографиран над Демир Капија. Меѓутоа, при проверка на фотографијата, се утврди дека се работи за настан од Америка, додека фотографијата е стара 10 години. Станува збор за инцидент откако ваков балон удрил во далновод во Вирџинија во САД, при што загинале три лица.
Македонија се меша во изборите во Венецуела
Хакерски напад од Македонија влијаеше врз изборните резултати од претседателските избори во Венецуела. Државниот обвинител на Венецуела Тарек Вилијам Сааб рече дека хакери со седиште во Северна Македонија навлегле во системите на нејзиниот Национален изборен совет (CNE) во обид да „манипулираат со резултатите“ против социјалистичкиот претседател Николас Мадуро. Според CNE, Мадуро добил 51% од гласовите од вкупно 132%.
Оваа информација беше пренесена во повеќе македонски медиуми без да се направи дополнително истражување, повикувајќи се на информациите во Венецуела.
Експертот по сајбер безбедност, Божидар Спировски, сподели дека денес е лесно да се “закупат” хакирани компјутери на интернет. Криминалците ги хакираат, оставаат агент за далечинска контрола и потоа го продаваат пристапот до ваквите хакирани компјутери на други криминалци. Спировски објаснува дека хакер со план да нападне изборен процес во држава, секако ќе употреби вакви “закупени” ресурси во повеќе држави. На тој начин ќе обезбеди да не го лоцираат, да не биде достапен до органи на прогонот ако ги лоцираат IP адресите, и да остане анонимен.
„Изборен процес во една држава трае долго, со фиксни датуми и термини. Ова му дава на хакерот огромно време да се подготви, испланира доволно слоеви на изолација, автоматизација и контрола за да остане невидлив и неговиот напад да не биде блокиран со неколку IP адреси. Со сите можности за подготовка, ако навистина има напад од IP адреси од Македонија, веројатно имаме хакирани приватни компјутери кои биле “изнајмени” на криминалец кој седи во некоја друга држава. И веројатно не се единствените IP адреси од кои се случил нападот, објаснува Спировски.
Два месеци по изборите, нема ниту збор за хакираните избори со македонски зачин.
Случајот со тримесечното бебе
„Мајката не го зборува македонскиот јазик, медицинската сестра се одмаздува кај бебето“ е насловот на видеоинтервјуто на македонски портал, кој внесе лавина реакции во јавноста и предизвика политички реакции, кои се закануваа да ги разнишаат меѓуетничките односи. Се работи за случај на тримесечно бебе, кое се лекува во Детската клиника во Скопје. Првата новинарска инфромација дека бебето бело повредено од персоналот на клиниката, а родителите изјавиле дека сестрите биле нервозни бидејќи мајката и бабата на бебето не знаеле да комуницираат на македонски јазик. Порталот еднострано пренесе само изјава од член на семјеството.
Министерот за здравство Арбен Таравари отиде во посета на семејството и најави одговорност од медицинската сестра доколку се утврди дека намерно го повредила. Случајот се политизира со реакција од опозицикста партија ДУИ, додека новиот директор на Детската клиника Реџеп Мемеди не демантираше на прес конференција, каде рече дека модринките на бебето биле од земање на крв.
– Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11 јули, која е реализирана од страна на две медицински сестри, при што едната сестра ја фиксира раката на детето, надлактица и подлактица, а другата сестра боцка во вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица, рече Мемеди.
Со еднострано пренесена информација преку емотивно сведочење на член на семејството без да се праша другата страна, јавноста беше дезинфромирана и случајот зазеде други текови, како доказ дека дезинфромациите може да доведат до поделби и тензии во општеството по различни основи.
Тврдење: Македонските медиуми не информираа за новото откритие во локалитетот Тумба Маџари
Факт: Има повеќе десетина објави и пренесено соопштение на Министерството за култура
Серија коментари на социјалните мрежи со омаловажување на новинарите и новинарската професија предизвика дезинформација дека македонските медиуми не напишале за значајното археолошко откритие во локалитетот Тумба Маџари во Скопје, туку македонската публика за ова се информира од Хрватската телевизија. Дезинформацијата ја пласираше корисник на мрежата Х. Во објавата, корисникот на својот профил споделува линк од Хрватската телевизија, која пренесува репортажа со информација за значајното археолошко откритие во локалитетот Тумба Маџари во Скопје, додека на Фејсбук под слична објава следуваат редица навредливи квалификации за македонските медиуми и новинарите
Олимписките изгри во Париз предмет на бројни дезинформации почнувајќи од церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз
Исмејување на православието, беа првичните реакции на повеќе високи челници на православните цркви низ светот, па се’ до обични граѓани, кои беа револтирани на приказот на портрет во живо со танчери, драг кралици и диџеј, кои позираат на начин на кој некои тврдат дека ја прикажува Тајната вечера на свеченоста на отворањето на Олимписките игри во Париз. Многумина ова го протолкуваа како непочитување на религиозните верувања, а грчката патријаршија Фенер ја осуди Олимписката церемонија во Париз 2024 за навреда на христијанството. Глобалната христијанска организација побара објаснување од МОК за пародијата на Тајната вечера. „Христијаните се згрозени, згрозени од исмејувањето на нивната вера“, соопшти Светскиот совет на црквите.
Меѓутоа, како што рече режисерот Томас Џоли, уметнички директор на церемонијата, се работи за ставање на настанот во погрешен котекст. Контроверзната сцена на церемонијата прикажува пагански фестивал, а не „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи. Џоли изјави дека сцената е инспирирана од Дионис, грчкиот бог на виното, а не од Исус.
„Дионис е првиот што пристигнува на масата. Зошто Дионис? Затоа што Дионис е богот на прославите и виното во грчката митологија и татко на Секуана, божицата на реката Сена. Овде, идејата е голем пагански фестивал поврзан со боговите на Олимп“, рече Џоли.
Дезинфромациите не запреа овде. Корисниците на социјалните мрежи го искористија јавното бранување по отворањето на Игрите, за да споделат видео за кое тврдат дека прикажува христијански верници кои протестираат против Олимпијадата.
„Француските христијани вечерва масовно протестираат против исмејувањето на Исус и последната вечера за време на церемонијата на отворање на Олимпијадата“, се вели во пост на X од 28 јули 2024 година во кој се прикажани илјадници луѓе кои носат свеќи додека ја пеат „Химната на Лурд (Безгрешна Марија) .
Се работи за стара снимка, снимена во Лурд, Франција за време на прославата на Католичкото Успение во 2022 година.
Франција сака да складира нуклеарен отпад во Србија?!
Посетата на францускиот претседател Емануел Макрон излезе на насловната страна на Нова.рс. од 25 август со тврдење дека „Франција сака во Србија да се отараси од својот нуклеарен отпад“.
Дека е дезинформација потврди Арно Гујон, директор на Канцеларијата за јавна и културна дипломатија на Србија, кој одговори со цитат од францускиот Законот за животна средина , според кој, Франција е обврзана да го складира својот нуклеарен отпад на своја територија. „Согласно Законот за радијација и нуклеарна безбедност и безбедност (член 4) на Република Србија, забранет е увоз на радиоактивен отпад од странско потекло на територијата на Србија. Според заедничката конвенција на ОН за безбедност на управувањето со радиоактивен отпад усвоена на 5 септември 1997 година, секоја земја има обврска да го складира својот нуклеарен отпад на своја територија. Оваа резолуција беше ратификувана од Франција во 2000 година и Србија во 2017 година за време на владеењето на Александар Вучиќ. Постојат две директиви на Европската унија (од 2006 и 2011 година) кои прецизираат како треба да се обработува нуклеарниот отпад во секоја земја. Затоа, законодавството на Република Србија, законодавството на Република Франција, Меѓународната конвенција на ОН и европските директиви го спречуваат складирањето на каков било нуклеарен отпад во Србија. Ова намерно ширење на паника со цел поткопување на демократијата и легално избраната влада во Србија е криминален чин“, напиша Гујон.
Вредностите на Европската унија и нејзините активности под опсада на дезинфромациски оружја
Орбан кај Путин не беше во својство на претседавач со ЕУ
Од светот: Орбан не отпатува за Русија во име на Европската унија, како што објави рускиот претседател Путин, туку од оваа самоиницијативна посета Унијата се огради, а во средата и Европскиот парламент усвои резолуција ја оцени како посета која не само што ја претставува ЕУ и е очигледно кршење на договорите и заедничката надворешна политика на ЕУ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан само што неговата земја го презеде претседателството со Советот на ЕУ, замина во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин на 5 јули.
Путин го поздрави Орбан со зборовите дека „разбира“ дека Орбан дошол „не само како наш долгогодишен партнер, туку и како претседавач со Советот на ЕУ“. Унијата демантираше,
додека највисоките претставници на ЕУ најавија дека ќе ги бојкотираат состаноците на Унгарија по оваа посета. Портпаролот на претседателот на Европската комисија, фон дер Лајен, во понеделникот рече дека „со оглед на неодамнешните случувања“ комесари на ЕУ нема да присуствуваат на состаноците организирани во Унгарија како дел од претседателството.
ЕУ се распаѓа и се гуши во нејзините (не)вредности
Изборите за европските институција донесоа бројни дезинформации, кои имаат за цел да ги поткопаат европските вредности, ги искористија резултатите од изборите да ги нападнат лидерите на клучните европски земји, како Франција и Германија, но и европските институции, Овие дезинформации имаат за цел да сеат недоверба и незадоволство преку искористување на постоечките политички прашања и поткопување на кредибилитетот на ЕУ. Вообичаената тактика за дезинформација е да се прикаже ЕУ како нефункционална и марионета на Вашингтон, користејќи јавни демонстрации и екстремна реторика за да се создаде илузија на широката европска поддршка за руската политика. Популарните теми за сеење недоверба беа поддршката на Западот за Украина, трошоците за живот и санкциите на ЕУ против Русија. Се користи и нуклеарното прашање за да влеат страв. Овие напори се обидоа да ги нарушат и дискредитираат изборите и поширокиот систем на ЕУ.
Лавина измами на интернет
Шокантната вест, поранешниот премиер Зоран Заев ја споделил во телевизиско интервју на шоуменот Жарко Димитревски, а за да биде уверливо интернет страната која го злоупотребила логото на BBC, објавила фотографии од гостувањето на Заев поодамна. Станува збор за уште една измама, во редицата измами што интернет сајт ги користи имињата, податоците и фотографиите на повеќе популарни јавни личности како актери, новинари, лекари и политичари.
Овој сајт minishouts.com употребува најчесто трагична вест, која предизвикува да се отвори текстот, преку која соопштува дека „денеска се простуваме од…“, или како оваа со Заев, дека бил претепан и однесен во болница откако во „директен пренос објавил јавна тајна“. Кога ќе се отвори текстот подолу се открива дека се зборува за голема заработка преку ноќ преку користење на именуваниот сервис, по што се сфаќа дека мамката е да се фати „потенцијалниот инвеститор“.
Креаторот на измамата не е непознат, додека дел од оштетените јавни личности, чии имиња се злоупотребени, веќе имаат поднесени пријави до Секторот за компјутерски криминал. Новинарот Бранко Героски, во јавното обраќање, соопштувајќи дека е неговото име е злоупотребено, пишува дека покрај неговото, најверојатно се злоупотребени и имињата на сите јавни личности кои божем ја рекламираат оваа активност.
Јадица со Пандора
И за крај од Топ дезинформации на неделата, информација за нова јадица за собирање на лични податоци и трансакциски сметки преку лажна продажба на популарните нараквици на Пандора со превезок за 125 денари за лојални купувачи. Се работи за FB страна со само неколку објави од пред 22 часа, има телефонски број, кој не постои, додека во коментарите на наводно задоволни Македонки профилите се лажни со ниту еден пост на нив. Секогаш размислете, дали информацијата е логична и има врска со реалноста. Потсетуваме на неколку правила кога пристапувате на вакви информации:
Бидете скептични, проверете го датумот и изворот на информацијата, проверете ја информацијата преку верификувани односно примарни извори, анализирајте ги деталите и внимавајте на податоците.
СМС измама на интернет
СМС порака со која број на странски оператор им јавува на македонските граѓани дека имаат пратка која не може да се испорача бидејќи го нема куќниот број. Во пораката се бара да се ажурираат податоците, вклучително и банкарските податоци. Оваа мамка особено за повозрасните лица, предизвикува празнење на банкарската сметка од незнаење и невнимание. Ова е уште една измама од серијата позната како фишинг, со цел да се соберат личните и банкарските податоци од граѓаните.
Последиците се вашите личните податоци да ви завршат на дарк веб и да се препродаваат на црниот пазар; измамници да ви влезат во вашиот компјутер и да ви откријат деловни податоци и лозинки; измамници да ве прелажат за да ви наплатат пари; измамници да ви ја испразнат кредитната картичка и банкарските податоци да завршат на црн пазар.
Секторот за компјутерски криминал од МВР апелираше до граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи.
В.К.