Актуелната претседателка, Гордана Сиљановска Давкова и нејзиниот противкандидат односно поранешниот шеф на државата, Стево Пендаровски за време на изборните кампањи пролетва поднеле поплаки за вознемирување па се предомислиле.
Како што најавија непосредно уште пред првиот круг, тие ѝ пријавиле вознемирување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација – потврди во изјава за ММС првиот човек на ова тело, Игор Јадровски.
Говор со навреди, но без основ за постапување по службена должност
Тој вели дека Сиљановска Давкова пријавила вознемирување врз основа на пол, род и возраст, а Пендаровски вознемирување врз основа на лично својство и општествен статус.
„Двете претставки беа повлечени од страна на подносителите во текот на постапките, па КСЗД за двата предмети донесе заклучоци за запирање на постапките, согласно чл. 27, ст. 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација“, вели претседателот на Комисијата.
Мониторингот кој го направила оваа Комисија во предизборната кампања, но и за време на изборните процеси за нов претседател и за нов парламентарен состав, покажал дека нема вознемрувачки говор кој е подобен за поведување постапка по службена должност. И покрај ова, Комисијата нотирала дека ваквиот говор и реториката со навреди се застапени на нетрадиционалните медиуми.
„Во однос на социјалните мрежи, за време на изборите доста често можеше да се забележи навредлив говор, кој не секогаш претставува вознемирувачки говор согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација. Од друга страна доставените претставки до КСЗД за вознемирување во предизборната кампања, се однесуваа за вознемирувачки говор за време на митинзи“, посочува Јадровски.
Етничка поларизација за време на изборните процеси
До сличен заклучок дојде и невладиниот сектор, од каде сметаат дека ваквите наративи може да ја дестабилизираат земјата. Анализата на Институтот за медиуми и аналитика ИМА покажа дека годинашниве двојни избори само ја продлабочиле политичката и етничката поларизација. Претседателот на ИМА, Петрит Сарачини во изјава за ММС нагласува дека таа се димензионирала преку штетни пропагандни наративи од страна на политичките партии и нивните кандидати поттикнувајќи дискриминација. За жал, вели тој, традиционалните медиуми некритички ги пренеесуваа овие нивни изјави станувајќи трансмитери на говорот на омраза.
Според Сарачини, етноцентристичките наративи се димензионирале во два аспекта:
„Имавме меѓуетничка конфронтација која беше видлива во таканаречените препукувања помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ како најеклатантен пример во самиот финиш на кампњата. Но има и внатреетничка димензија. Тоа се препукувањата во македонскиот политички блок, тоа што ние го нарекуваме патриотски говор на омраза или поделба на политичките партии кои се предавници, а кои се патриоти. Главно беше поврзан со евроинтеграциските процеси на земјава“, потенцира тој во изјава за ММС, додавајќи дека изборите ги влошиле меѓуетничките односи во земјава.
Според него, традиционалните медиуми веќе не се толку голем простор каде се шири говорот на омраза, но сепак не укажуваат кога некоја изјава поттикнува омраза или дискриминација.
„Ретки се случаите каде што во одредени дебатни емисии водителот ги предупредува гостите да не користат говор на омраза или потпалувачки говор. Во некои медиуми и тоа се злоупотребува за да се нападне некој од гостите, но улогата на водителот, на новинарот во такви емисии е да ѝ каже на публиката доколку нешто е надвор од стандардите. Да ѝ укаже на публиката доколку некој се служи со говор на омраза, да ѝ укаже доколку некој злоупотребува медиумски простор за да поттикне дискриминација. Сето тоа е улога на новинарството, не е работа на медиумот само да ја пренесе информацијата туку да утврди дали е вистината“, смета Сарачини.
Тој потсетува дека говорот на омраза дури и кога е присутен во онлајн просторот е кривично дело, а оттука порталите и традиционалните медиуми кои се присутни на социјалните мрежи треба да ги модерираат коментарите кои поттикнуваат насилство.
Медиумите имаат улога да не дозволат да бидат трансформирани во канали кои некој ги злоупотребува, дали читател или било кој актер во тој момент.
„Ние ретко гледаме медиумите во земјава во онлајн просторот да ги модерираат сопствените дискусии. Често пати се правдаат дека тоа побарува луѓе администратори, но ако веќе сте одлучиле да ве има на социјалните мрежи треба да знаете дека тоа повлекува и некакви обврски на модерација“, објаснува Сарачини.
Новинарскиот интегритет како предуслов за елиминирање на вознемирувачкиот говор
Коментирајќи ги навредите поврзани со објавите за изборите, извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска вели дека тука огромна улога пред сѐ, игра интегритетот на новинарите.
Дигиталниот простор е сѐ уште сива зона, не само кај нас, туку и во светот. Многу луѓе таму си дозволуваат да бидат погруби во говорот, да изговорот нешто што не би го изговориле во реалниот живот. ЕУ донесе регулатива во соработка со големите дигитални платформи па сега се очекува сите земји членки, но и кандидатите да ги прилагодат своите законодавства кон оваа регулатива“, веели Георгиевска од Советот за етика во медиумите.
Токму ова саморегулциско тело ја координира и мрежата пртив говор на омраза во земјава во која учествуваат повеќе невладини организации, но и владини институции.
„По летните одмори одново ќе се состанеме и ќе видиме кои механизми треба да се засилат, кои институции повеќе да делуваат за да се спречи говорот на омраза“, најавува Георгиевска.
Таа нагласува дека во борбата за зачувување на слободата на говор, треба да се користат и механизми за за справување со ризици за ограничување на некои содржини во согласност со меѓународното право и стандардите за почитување на човековите права. Иако двојните избори повлекоа навреди, на изненадување на членовите на СЕММ, не пристигнале многу поплаки до Комисијата за жалби. Впечаткот на Георгиевска е дека прекршувањата на новинарските морални и етички правила, како да им биле очекувани на луѓето.
„Како да беше очекуван говорот на омраза на социјалните мрежи, навредите, омаловажувањата“, споделува таа за ММС додавајќи дека меѓу малкуте пријави пристигнала и таква од политичарка која се жалела за, како што тврдела, текст кој ја омаловажува.
„Текстот беше поврзан со опис на една фотографија на која таа беше со нејзини сопартијци. Комисијата за жалби ги разгледа сите околности и утврди дека во тој текст не се пречекорени одредбите од Кодексот на новинари иако имаше сугестија дека и политичарките како јавни личности во изборен период би требало да бидат поотпорни на критики бидејќи се изложени на судот на јавноста. Тоа сепак не подразбира дека треба да бидат навредувани како што гледаме примери“, порачува нашата соговорничка.
Додека според неа, граѓаните очекувале остра реторика, Сарачини вели дека токму сензационализмот и конфронтациите кои постојано се присутни, веќе ја измориле јавноста.
„За жал, се создава една атмосфера каде што вистинската или суштинската информација се губи под напливот на сензационализмот и острата реторика во која добиваат само тие кои се конфронтираат. Тоа пак, ги оттуѓува од политиката голем дел од граѓаните. Ние гледаме дека излезноста на изборите не е баш сјајна како што била да речеме, деценија претходно. Сето тоа укажува дека граѓаните се изморени од ваков начин на водење на политиките од страна на политичките актери“, смета Сарачини.
За крај, заклучува тој, политичарите треба да ја подобрат својата политичка култура како предуслов за посуштински натпревар за време на изборите, но и пред и после изборите.
„Ние постојано имаме таква потпалувачка реторика и ниска политичка култура кај политичките актери, а за жал, медиумите дали поради ова време во кое се наоѓаме на дигитална ера и притисок да се дојде до што повеќе луѓе на што побрз начин, исто така стануваат дел од таа тажна слика“, порачува Сарачини.
Со цел изборите да бидат што пофер и демократски, во пресрет на самите избори беше потпишан Кодекс во Државната изборна комисија. Од оваа институција велат дека согласно Изборниот закон, се грижат за законитоста во подготовката и спроведување на изборите и немаат ингеренции во областа на говорот на омраза.
-Во таа насока, ДИК не коментира ниту учествува во проценки односно анализи на дневно политички настани и настапи на политичарите. За време на изборите, до ДИК нема пристигнато пријава за говор на омраза – велат од Комисијата.
В. Ми