Општина Пробиштип денеска им додели еднократна парична помош на 126 лица со попреченост. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, ги потпиша решенија и еднократната парична помош од 20.000 денари е веќе исплатена.
Анастасов истакна дека ова се случува прв пат, а повод е одбележување на Денот на градот, односно на Денот на рударите, кој се одбележува на 28 август на православниот празник „Успение на Пресвета Богородица“.
– Го потпишав решението за исплата на еднократна парична помош од 20.000 денари на корисници на посебен додаток и надоместок за попреченост евидентирани при ЈУ Центар за социјална работа Пробиштип. Денес, 126 наши сограѓани ќе ги добијат овие средства на своите сметки, односно 2.5 милиони денари од буџетот на општината, кои се предвидени во Програмата за социјална заштита на Општина Пробиштип за 2024 година, а се доделуваат по повод празникот на градот 28-ми Август – „Успение на Пресвета Богородица“, изјави Анастасов.
Тој во изјава за МИА посочува дека во буџетот за 2024 година за шест пати се зголемени средствата за социјална и детска заштита.
Рударски Пробиштип изминатите денови има богата спортска и културно-уметничка програма, по повод Денот на рударите.
Вечерва на Градскиот плоштад настапуваат балканските пејачи Желјко Самарџиќ и Јелена Розга, а од македонските музички имиња Мики Секуловски.
Пробиштип утрешниот празник на рударите, го чествува со утринска свечена литургија, а утревечер ќе се одржи и Свечена седница по повод празникот на градот и на рударите.