Нам добро познатата некогашна министерка за надворешни работи, во чие време „процветаа“ бугарските клубови во Македонија, е еден од тројцата кандидати за комесар во новата Европска комисија. До петок Бугарија треба да се одлучи меѓу Екатерина Захариева, Илијана Иванова и Сергеј Станишев и едно име за еврокомесар да прати во Брисел.
Досега 19 од 27 земји-членки ја завршија домашната задача и обезбедија кандидат. Но, ниту еден од нив не го исполни инсистирањето на Урсула фон дер Лајен земјите-членки да испратат двајца кандидати – маж и жена – од кои таа може да избира. Целта на Фон дер Лајен е да има приближно родова еднаквост во конечниот состав на Европската комисија.
Според извештајот на британскиот весник „Гардијан“ пред истекот на рокот на 30 август за поднесување имиња за позициите на комесари во Брисел, за кандидати се предложени 14 мажи и пет жени.
Од земјите што допрва треба да ја финализираат номинацијата, две (Литванија и Романија) се очекува наскоро да ги запечатат номинациите на машките кандидати, додека други две (Белгија, Данска) се очекува да номинираат машки кандидат. Мажите имаат водство и во две други земји кои допрва треба да се кандидираат (Италија и Португалија), додека жените се фаворити во Бугарија.
Новата Европска комисија ќе ја следи тврда линија кон Русија, тоа е очигледно од изборот на Фон дер Лајен, но и на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика. Тоа ќе биде „Железната дама“ од Естонија, премиерката Каја Калас. За неа изборот на оваа позиција е вистински спас, бидејќи во нејзината земја, Естонија, Калас почнува да ја губи популарноста, забележа неодамна „Дојче веле“.
Преодната влада на Бугарија денеска ги почнува разговорите со бугарските потенцијални кандидати за еврокомесар. Захариева има сериозни шанси како поранешен вицепремиер и поранешен министер за надворешни работи и потпретседател на партијата на Бојко Борисов ГЕРБ, член на ЕПП, семејството на Урсула фон дер Лајен, со што има и привилегирана позиција.