Летото и сонцето се синоним за уживање, особено ако се „зачинети“ со море. Но, во ек на летната туристичк сезона сепак треба да се внимава со сончањето, особени оние кои секојдневно примаат лекови, имаат терапија за некаква болест.
Со м-р Михаил Минов, фармацевт специјалист разговаравме за тоа колку опасна комбинација се сонцето и лековите, но и што е фототоксичност и фотоалергија, кои лекови не поднесуваат сонце и, секако, уште еднаш потврди дека бегањето од сонце не треба да значи одење во солариум, бидејќи е уште поштетно.
Некои лекови не поднесуваат сонце, кои се тоа и какви проблеми предизвикуваат?
-Повеќето лекови при контакт со сончевите зраци, предизвикуваат определени нарушувања, кои ние прво ги приметуваме на кожата. Можат да се јават кај сите луѓе, без оглед дали се мажи или жени, возрасни или деца. Овие нарушувања можат да бидат реакции на фототоксичност и/или фотоалергија. Фототоксичноста, стручно, настанува кога лекот или неговиот метаболит, ја прима енергијата од сонцето (во прв ред од ултравиолетовите зраци А), доаѓа до промена на структурата на самото соединение, која нова видоизменета структура дава токсични реакции. Ова во медицината се означува како имунолошка кожна реакција. Фотоалергијата, пак, по дефиниција е задоцнета егзематозна реакција (слично ќе изгледа како класичната егзема, но има сосема поразлична природа на настанување, а со тоа и сосема поразлична терапија).
Што значи фототоксични, а што фотоалергиски реакции?
Во групата на фототоксични реакции, тоа се оние кои настануваат со дирекно клеточно оштетување на клетките на кожата спаѓаат хиперпигментација (зони на зголемен пигмент на кожата, како темни петна), дисхромија (поразлична боја на кожата), фото-онихолиза, телеангиектазии… Додека фотоалергиските реакции вклучуваат лихен, еритем, лупус. Во секој случај, сите овие реакции започнуваат со црвенило на кожата, кое ние самите го означуваме како *изгорена кожа*.
Кои се тие фотосензибилилни супстанци
Фотосензибилни супстанции се сите супстанции кои ќе примат дел од енергијата на сонцето, внатре во нив доаѓа до хемиска реакција- која е резултат на примената енергија од сонцето, па новото соединение дава реакции на пречувствителност кај човекот. Не се само лековите во оваа група, тука спаѓаат и прехрамбени намирници, но и сосема поразлични соединенија. Пример се парфемите, кои аплицирани на гола кожа, особено во пределот на вратот, во контакт со сончевите зраци, доаѓа до менување на хемиската структура на мирисните компоненти, а овие новиве ќе направат локална фототоксичност (состојба на дисхромија, или синдром Берлок). Сосема поразлично е од локалната алергиска реакција кон сончевите зраци (соларен дерматит), која се јавува кај луѓе со предиспозиција за ваква реакција, а се манифестира со појава на црвенило, и на ситни брунчиња.
Дали може да предизвикаат автоимуни пореметувања?
Сончевите зраци, како такви не можат сами по себе да предизвикаат автоимуни заболувања. Но, можат да бидат иницијална каписла за појава на автоимуното заболување, или кај луѓе што веќе имаат автоимуно заболување, значително да ја влошат состојбата.
Дали лекови за хронични болести не поднесуваат сонце?
Да, постојат многу лекови, кои не го поднесуваат сонцето, односно ќе ни направат проблем. Овде би ги споменал антибиотиците (доксициклин, цефотаксим, азитромицин), лековите за срцеви болни (амјодарон, дилтиазем, амлодипин), како и голем број на поспецифични лекови (карбамазепин, клопидогрел….). Во секој случај, човек не смее да се лишува од одење на плажа и сончање, но тоа да биде рано наутро или доцна попладне. За сите нас важи, во периодот од 11 до 16 часот, да се повлечеме под дебела сенка.
Смеат ли онколошки пациенти да се сончаат?
Генерално препораката е да не се сончаат онколошките пациенти, токму поради споменатите реакции кои може да настаната (а цитостатиците се исклучително потентни за примање на енергија). Дополнително, организмот на онколошкиот болен, е исклучително чувствителен на реакции- споменатите реакции на фототоксичност и фотосензитивност, се многу чести кај овие луѓе.
Колкава е опасноста од УВ зраци?
Исклучителна опасност. Можеби сега, и нема ништо да почувствуваме, кога ќе ни изгори кожата- ќе ставиме лосион за после сончање и таблета аспирин. Но, како старее организмот, така ќе се пројават сите проблеми. Кожата е орган што памети и после 3 години, на зони што биле изгорени, се јавуваат канцерозни творби. Поради тоа, треба особено внимателно да се сончаме, сите.
Смеат ли со антибиотска тгерапија да се сончаат?
Споменав дека определени антибиотици даваат фото-реакции со сончевите зраци. Дополнително, терапијата за дел од кожните болести подразбира локална апликација на антибиотик. И во двата случаи, превентивно, не би требало пациентот да се сонча. И повторно, на плажа да се оди рано наутро или доцна навечер, редовно да се нанесува заштитен фактор (да не ги забораваме ушите, односно ушните школки, гребенот на носот, како и ризот на стапалата), и после плажа туширање со обична вода.
Како е за жени со хормонска контрацепција?
Оралните контрацептивни лекови, хемиски гледано, се многу чувтвителни на промени- вклучително и абсорпција на енергијата од сонцето. Во принцип, жената треба да избегнува интензивно сончање доколку е на орална контрацепција.
Кога зборуваме за опасност од сончање,несомнено треба да го споменеме и солариумот..
-Сѐ што е кажано за ризиците од сончевите зраци, важи подеднакво и за солариумите. Дури, солариумите се и поштетни, долгорочно гледано, споредено со сонцето.