Топ дезинформации на неделата:
Универзитетскиот професор во САД Иван Динев Иванов, Бугарин со македонски корени, во емисијата Стадион изјави дека пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур не се за македонското малцинство.
Динев Иванов вели:
„Пресудите не се никваква форма на признавање и непризнавање на малцинство. Второ – Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) е јасен и дециден – се работи за право на здружување, ништо повеќе. Не се зборува за признавање на нација или малцинство“ .Иван Динев Иванов во „Стадион“
Меѓутоа, кога ќе се прочитаат пресудите против Бугарија ќе се види дека се споменува и македонското малцинство. Конкретно во една од пресудите се вели:
„Овие случаи се однесуваат на одбивањето на националните судови на Бугарија, да регистрираат здруженија чија цел е да се постигне признавање и заштита на интересите на „македонското малцинство во Бугарија“. Одбивањата беа засновани на размислувања за националната безбедност , заштита на јавниот ред и правата на другите (цели насочени кон „признавање на македонското малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и за уставната забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и неисполнување на формалните законски барања, сите за кои Европскиот суд утврди дека е неоправдано и непропорционално мешање во правото на слобода на здружување“, стои во една од пресудите.
Анализата за Судот во Стразбур покажа дека Бугарија е Бугарија е во топ 10 најосудувани држави пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за 2022 година. Во текот на 2021 година судот во Стразбур донел 27 пресуди за Бугарија, и речиси сите – кај 25 било потврдено е прекршување на човековите права. Комитетот на министри на Советот на Европа редовно ги повикува бугарските власти да дозволат регистрација на здруженија, кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија и со тоа да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Динев Иванов исто така тврди дека ОМО Илинден е членка на европска асоцијација, која е сепаратистичка.
„Тоа што е вознемирувачко за бугарската страна е што ОМО Илинден станува дел од Европската слободна алијанса, кои се политички формации, формации се сепаратистички по пример на Фландрија, Истра и Каталинија“, изјави Динев Иванов.
Тоа не е точно, туку се работи за друга организација на Македонците во Бугарија – ОМО Илинден – Пирин, која е членка на на Европската слободна алијанса ( ЕФА ), која за сочинуваат 35 различни субјекти во Европа. Само еден овие субјекти се декларира како сеператистички. Членки се залагаат или за целосна политичка независност и суверенитет , или за некоја форма на самоуправа за нивната земја или регион. Членка на оваа асоцијација од март годинава е и единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција , МАЕИ.
Дезинформација: Олена Зеленска купи скап автомобил Бугати
За семејството Зеленски редовно се споделуваат дезинформации дека се луксузираат додека украинските војници гинат на фронтот. За Олена Зеленска некогаш може да се прочита дека купила луксузна јахта, друг пат скап накит, па имот што му приапаѓало на британското кралско семејство. Деновиве се тврди дека Зеленска купи луксузен спортски автомобил од марката Бугати, за што платила половина милион долари.
Корисник на сега избришан профил на Инстаграм, кој за себе тврди дека дека е вработен Груп Шумахер, дилер на автомобили во од Париз, им посака добредојде на Зеленски во „семејството Бугати“. Од понеделникот (1 јули), видеото беше споделено милиони пати на платформата за социјални медиуми X, порано Твитер . Беше споделена и наводна фактура за купопродажбата на луксузното возило со потпис на Зеленска.
Проверувачите на факти на DW за онлајн тврдењата побарале и добиле писмен одговор од компанијата која наводно го продала возилото. Застапништвото соопшти дека нема никаква врска со инцидентот и поднело жалба до властите, меѓу другото, за фалсификување документи, кражба на идентитет и клевета.Фактурата објавена на интернет содржи голем број неточности, што му дава доверба на тврдењето на застапништвото дека фактурата е фалсификат. Грешките вклучуваат погрешно пишување на париското предградие Ној-сур-Сен во линијата за адреса, изоставување на задолжителните информации за данокот на продажба и не споменување на начинот на плаќање – всушност, во документот воопшто не е наведена валута, пишува DW.
Заев претепан откако соопшти јавна тајна на ТВ
Шокантната вест, поранешниот премиер Зоран Заев ја споделил во телевизиско интервју на шоуменот Жарко Димитревски, а за да биде уверливо интернет страната која го злоупотребила логото на BBC, објавила фотографии од гостувањето на Заев поодамна. Станува збор за уште една измама, во редицата измами што интернет сајт ги користи имињата, податоците и фотографиите на повеќе популарни јавни личности како актери, новинари, лекари и политичари.
Овој сајт minishouts.com употребува најчесто трагична вест, која предизвикува да се отвори текстот, преку која соопштува дека „денеска се простуваме од…“, или како оваа со Заев, дека бил претепан и однесен во болница откако во „директен пренос објавил јавна тајна“. Кога ќе се отвори текстот подолу се открива дека се зборува за голема заработка преку ноќ преку користење на именуваниот сервис, по што се сфаќа дека мамката е да се фати „потенцијалниот инвеститор“.
Креаторот на измамата не е непознат, додека дел од оштетените јавни личности, чии имиња се злоупотребени, веќе имаат поднесени пријави до Секторот за компјутерски криминал. Нoвинарот Бранко Героски, во јавното обраќање, соопштувајќи дека е неговото име е злоупотребено, пишува дека покрај неговото, најверојатно се злоупотребени и имињата на сите јавни личности кои божем ја рекламираат оваа активност.
„Прв пат слушам за овие, а самиот никогаш не сум рекламирал било каков производ! Не знам дали освен оваа објава е потребно да сторам уште нешто, бидејќи не би сакал било кој да биде измамен со една ваква фејк реклама. Се надевам дека има некој надлежен да преземе нешто“, пишува Героски.
Минатата година познатиот лекар Никола Пановски, чиј идентитет исто така беше злоупотребен, тужеше и го доби процесот. Меѓутоа, како што и самиот вели, иако на судот му бил доставен и име на фирма и одговорно лице, работата на оваа фирма судот не ја забранил и понатаму создава нови жртви на измами.
„По една година Јавното обвинителство поведе постапка, судот ги осуди само за злоупотреба на лични податоци (немало други основи во законот), 5000 евра за фирмата, 2000 евра за одговорното лице, да платат во буџетот. Пресудата е правосилна. Не им забранија да работат!!! Им дозволија и понатаму да лажат и заработуваат!!! Пред 6 месеци поведов приватна тужба за нематеријална штета, барам 30.000 евра оштета. Постапката е во тек. До сега сум во минус, и финансиски и психички. Злоупотребуван сум во уште десетина реклами за други производи, но не ги знам сторителите, а и уморен сум. Сто пати демантирав и преколнував дека е лага. Добро е што демантиравте. Голем дел од злоупотребените јавни личности ништо не преземаат, што не е во ред“, пишува д-р Пановски.
Сајбер измамите зачестија особено последните година – две, при што принципот е ист – се земаат фотографии од познати и популарни личности, еден ист текст лошо преведен се репродуцира во повеќе земји на различни јазици, се злоупотребува лого на позната медиска компанија, за да изгледа на прв поглед дека се отвора верификувана страна. Понатаму, целта е да се украдат податоците и банкарските сметки. На посетителите на сајтот му се нуди заработка за само два часа, или како што пишуваат во последните објави врзани со новинари и јавни личности, додека тие зборуваат, сметката постојано им се полни, а тајната на брзата заработка ја има на линкот.
Затоа, не наседнувајте!
Овој материјал е подготвен од страна на Радио Канал 77 во рамките на проектот „(Де) Информирај ме!” поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.