Јован Деспотовски денеска поднесе оставка од функцијата директор на ТИРЗ.
Тој рече дека нема да зема апанажа, само нагласи дека ќе се посвети на политичкиот ангажман во партијата.
Како што нагласи Деспотовски на брифинг со новинарите, немал никаков притисок од политичкиот опонент. Мандатот му бил до декември, но поради „новата политичка реалност“ се одлучил на ваков чекор, да поднесе оставка.
-Немав никаков притисок од политичкиот опонент. Имам мандат до декември, но има нова политичка реалност. Ова што кулминираше деновиве, бара мој целосен ангажман. Изминативе 25 или 30 дена успеавме низ бројни средби со граѓаните, пред се членови на партијата, меѓутоа и граѓани, да поттикнеме сериозна енергија што е многу, многу важна не само за партијата, туку и за државата. Таа сериозна енергија постои, треба да расте и понатаму, затоа што сметам дека силен СДСМ не е потребен само за членовите на СДСМ, туку и за државата. Тоа го кажуваат и нашите политички опоненти. Така што, би сакал целосно да се посветам на еден ваков сериозен политички ангажман, бидејќи таков сериозен политички ангажман подразбира и бара целосна посветеност“, истакна Деспотовски.
За апанажата, смета дека не е добро функционерите по завршувањето на нивната јавна функција, да останат на товар на граѓаните.
-Не. Навистина не мислам дека е оправдано носители на јавни функции и на поголеми позиции да остануваат на товар на граѓаните. И ако сме навистина толку способни сите да обавуваат одговорни функции, навистина не мислам дека не можеме понатаму, ако сме оставиле „чист образ“, да се снајдеме и да функционираме како сите останати, потенцира Деспотовски.
Осврнувајќи се на сработеното во својот мандат како директор на ТИРЗ, информираше дека зад себе остава 31 договор за инвестиции од кои 50 отсто нови вложувања, 18 илјади вработувања и нето просечна плата од над 43 илјади денари. Дополни и дека до мај во зоните имало преку 18 000 вработени, што е за 5 500 повеќе откако стапил на функцијата. Деспотовски за следните месеци најави уште неколку поголеми инвестиции.
-Владата би требало што поскоро да создаде „контакт точка за странските инвеститори“, обединувајќи ги Дирекцијата на ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции, порача Деспотовски.
На брифингот, Деспотовски истакна и дека 11 инвестициски проекти се избрани на Јавниот повик за техничка помош за развој на добавувачи на ТИРЗ наменет за македонски компании. Jавниот повик наменет за домашни средни и големи компании ТИРЗ го спроведува во партнерство со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата на Светска банка, а поддржани од Швајцарскиот секретаријат за економски прашања, СЕКО.