На протест во главниот град на Албанија, Тирана, се собраа голем број граѓани пред Министерството за здравство, по скандалот во Онколошката болница каде лекарите препраќале болни од рак во приватни болници. Покрај тоа, има сомневање дека се јавил и недостиг на лекови за лекување на пациенти со тешки болести, пишуваат албанските медиуми.
Обвинителството на Тирана пред неколку дена ја обелодени злосторничката шема, во која лекари и специјалисти за онкологија од Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана, меѓусебно биле вмешани во злоупотреба на службената положба, со тоа што наместо да обезбедат услуги на пациенти со карцином, наместо да ги лекуваат, ги упатувале во приватни болници со цел економски бенефит.
Во соопштението се вели дека Обвинителството можело да документира случаи на набавка на лекови од значителна вредност за хемотерапија од аптека, кои потоа ги продавале. За овие лекови не може да се потврди автентичноста, создавајќи сомнеж за квалитетот на дадената терапија.
Исто така, од спроведените испитувања е констатирано дека од 2021 година во Онколошката болница е инсталиран Апарат за кобалт-терапија за лекување на пациенти со дијагноза на тумор, но, оваа опрема никогаш не била користена.
Но, шемата за злоупотреба не престанува овде. Лекарите од државната Онкологија покрај тоа што ги насочувале во приватни болници, туку пациентите добивале специфични упатства во кои аптеки да купуваат лекови. За вторите не е исклучена можноста да ги снабдувале лекари – онколози, со тоа што изнесувале лекови од болницата и ги препродавале во нивните приватни аптеки.