Албанскиот планинар од Пешкопија, Изет Шулку и неговото друштво викендов го тргнаа македонското знаме од врвот на Голем Кораб и наместо македонското го кренаа албанското. На врвот Кораб, кој припаѓа на Националниот парк Маврово, Шулку, на видеото што го објавува, го трга, го гужва и го фрлил на земја постерот од поставената табла со информации на македонски јазик. На искинатиот плакат има испишано висина на врвот – 2764 метри и дека масивот Кораб се простира во две земји – Македонија и Албанија. „Кораб е во Албанија и нема место за македонското знаме“, напиша Шулку на својот Фејсбук профил.
Утрово, на Фејсбук од македонски корисници, неофицијално, беше објавено дека македонското знаме било вратено на врвот од Кораб.
Потегот го документираа со видео, што во изминатите два дена го споделуваат, меѓу другите и политичари од Албанија.
Џелал Мзиу, политичар округот Дибра, од Демократска партија на Сали Бериша, споделувајќи го видеото со тргањето на македонското знаме пишува:
„Изет Шулку, овој патриот е дебранец. Почит и благодарност за Тарзан од Дибра!“, напиша албанските политичари во прилог на реобјавеното видео со тргањето на знамето.
Изет Шулку не е непознат на албанската јавност. Тој е 50-годишник, кој сите го знаат како „Тарзан од Дибра“. Шулку се прослави како човек со екстремни авантури и по поврзаноста со природата. На едно видео Шулку се капе на ниските температури, среде мразот и снегот. Албанските медиуми го споредија со рускиот претседател Владимир Путин.
„На -12 степени. ве молам сите не ми праќајте видеа од Руси, јас сум Изет Шулку и го предизвикувам цел свет. Ги носев чевлите за да не си ги искинам стапалата. Кој сака здрав живот ,нека влезе овде зад мене“, се слуша како вели Шулку во видеото.
Познат е по искачувањето на највисоките планини, а за себе вели дека стотици пати се искачувал на планината Кораб и бил водич за многу туристи кои сакале да ги посетат врвовите на планините Дибра. Има и свој локален бизнис ги готви традиционални дибрански јадења.
Македонското МВР објави во кратка информација соопшти дека човекот кој го тргна македонското знаме не е македонски државјанин. Од МВР побаравме информации дали во вакви случаи македонскиот закон предвидува санкции. Од друга страна, останува и прашањето дали некоја друга институција, вклучително и ЈП „Национален парк – Маврово“ исто така ќе реагира.