Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои капиталот на градоначалникот на општина Струга, Рамис Мерко, сега ќе го има и Факултетот за медицински науки.
Ваквата одлука ја одобри сопартиецот на Мерко во ДУИ, министерот за образование и наука во заминување, Јетон Шаќири, објави ИНА.
Идните студенти ќе можат да студираат медицински науки во оваа приватна високообразовна институција, која има и неколку други гранки како што се Факултетот за економски науки, правниот факултет, информатика и политички науки.
Од Министерството за образование и наука потврдија дека се исполнети условите за започнување медицински студии на УНС. Позитивно мислење дадоа и Агенцијата за квалитет на високото образование и Одборот за акредитација.
Ова ќе биде шестиот факултет по медицински науки, кој се основа во Македонија. Со законски измени неодамна беше основан Факултет за медицински науки на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, а лани на 8 јуни со одлука на Владата, беше дадена дозвола за основање на основање на Факултет за здравствени науки при Приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет „Визион“ Гостивар.