Владата на денешната седница усвои информација и донесе неколку заклучоци за состојбата во хируршките клиники при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во однос на проблемот со компресорската станица.
За ова преку писмено соопштение попладнево информираше заменик министерката за здравство, Маја Манолева. Таа истакна дека според усвоените заклучоци, Владата им укажува на јавните здравствени установи, клиники, Заводот и Ургентниот центар да ја заменат опремата на централната компресорска станица со нова.
Освен тоа, се укажува и на замена на инсталацијата и дислокација на централната компресорска станица, а јавните здравствени установи имаат рок од една недела за да ѝ достават Владата оперативен план за спроведување на активностите.
Претходно неделава, Манолева донесе наредба сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали да почнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.