Кога има што да каже е тука. Таква е Калиопи, која денес го промовирше новиот проект насловен како „Албум“, на кој смести 10 песни, од кои две ѝ се веќе познати на публиката, дуетската песна „Знам” со Жељко Самарџиќ и песната „Кад осване”, со кои таа го најави албумот.
Но, не е само тоа, поттикнати од нивниот овогодишен јубилеј, 40 години од нивната соработка, Калиопи и Ромео одлучија да ѝ подарат на публиката уште осум нови песни, од кои четири веќе се снимени и беа промовирани денес.
И секако, прва соработка на Калиопи и Слаткар. Заедничка песна, која на промоцијата беше наградена со аплауз.
А 40 години соработка не е малку, особено ако професионалната соработка била толку успешна. А како што времето лета, нормално е, и покрај тоа што е плодна, да се запраша – кога поминаа 40 години?
-Ние некако немаме допирни точки со времето, музиката за тоа најубаво зборува. Кога креираме сме како „петарпановци“, вечно млади. Но, во 40 години се измешани убави и неубави моменти, живот, кариера, љубов, сѐ измешано. Сето тоа се испреплетува и во песните. Ние од тоа користиме и во песните, не само од љубовен аспект, туку од секаков. Кажуваме многу нешто. Но, најважно е што музиката не ти дозволува да заостанеш во времето, барем ние двајца тоа така го гледаме. Ромео посебно, како продуцент, се стреми да открива нови нешта и секогаш е крајно ин во се што креира. Пред времето е. И пак го третира поднебјето на еден посебен начин, таа наша балканска емоција е присутна. Ми дава една огромна палета на можности, да можам да креирам како пејач, да чувствувам и да го пренесам тоа чувство, рече Калиопи и додаде:
-Годините не се малку, но сепак, кога ќе видам во публика колку шаренолики се генерациите е нешто посебно. Тоа ти кажува дека во однос на музиката не старееш, секогаш си актуелен. Затоа и за овој албум сметам дека ќе привлече нови генерации. Мене единствен потсетник за годините ми се генерациските разлики, кога ќе ја погледнам публиката. Но, тоа не ми дава за право да го вметнам времето во песните. А надвор од тоа и немам време да размислувам на годините. Единствен потсетник можеби е моето дете и тоа е тоа, рече Калиопи.
За новите песни нема сомнение дека ќе си го најдат патот до публиката, тоа е така кога станува збор за Калиопи. Таа и Ромео оставиле доволно траг зад себе за да се памети. „Бато“, „Црно и бело“.., се песни кои се пеат не само на Балкан туку и во светот.
-„Бато“ не е најубава песна, туку е реликвија, нешто посебно, што останува. Еве и „Знам“ со Жељко самарџиќ, па „Црно и бело“. Кај и да сме гостувале било моќно и посебно. Соработката со Ромео секако продолжува. Дури траеме човечки ќе траеме и во музиката, рече Калиопи.
Се гледа дека Калиопи и Ромео се бескрајно среќни, што и по толку години дишат со инспирација, со која создаваат музика и за следните нови генерации.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски