Речиси две недели по инаугурацијата, новата претседателка на државата ја оствари и својата официјална прва посета во странство. Гордана Силјановска Давкова замина во Ватикан каде ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Свети Кирил и Методиј.
Во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските проветители, таа имаше аудиенција кај папата Франциск, по што порача дека се усогласиле околу актуелните проблеми, вклучително и поддршката за Западен Балкан.
Во изјавата за медиумите, таа ја опиша средбата како долга, а на неа се дискутирало и за прашањата поврзани со статусот на Католичката црква.
„Се усогласивме околу актуелните проблеми, околу поддршката на земјава кон Европската унија, поддршката на папата на Западен Балкан и рековме дека по 30 години од соработката, успесите се очигледни. Потврдивме дека посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само за малото стадо на кое му порача да не се плаши, туку за сите религии и дека сме пример за релиогиозен дијалог кој ќе продолжи, како и дека Ватикан верува во нашата сила“, изјави Силјановска Давкова.
Паралелно во работна посета на Ватикан е и нејзиниот бугарски колега Румен Радев, со кого сепак нема да се сретнат.
И додека нејзиниот претходник, Стево Пендаровски и Радев заедно отпауваа за Рим со бугарски авион за да го одбележат празникот 24-ти Мај во 2021 година, Силјановска Давкова денеска порача дека двете страни имаат посебни агенди.
„Изразивме спремност, но нема да дојде до таа средба. Обете делегации имаме агенда, а рековме дека час поскоро во првиот момент таа ќе ја реализираме. Само што излегов од кај Папата, дознав дека средба нема да има. Но, останува спремноста да се видиме“, истакна шефицата на државата.
Според агендата, таа утре ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители со посета на базиликата „Свети Климент“ каде се наоѓа гробот на Св. Кирил.
Радев пак, иако одбил да се сретнат, ја поканил Силјановска Давкова да ја посети Бугарија. Тој денеска исто така беше примен на аудиенција кај папата Франциск, а во изјавата за медиумите не пропушти да ги спомене македонските ероинтеграции.
„Република Северна Македонија мора да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со исполнување на сите барања за членство, како што тоа го направи секоја земја од Европската унија“, рече Радев пред новинарите во Рим.
Неговата изјава следува откако претходно реагираше за фактот дека Силјановска Давкова ја изостави „Северна“ при свечената изјава во Собранието, па сега децидно ѝ порача дека треба да ја промени реториката.
„Мојата порака до претседателката на Северна Македонија е дека Бугарија очекува промена во реториката и конечно крај на јазикот на омразата“, додаде Радев.
Ова е само последна во низата реакција за употребата на „Република Македонија“, која ја подели јавноста.
Веднаш по инауграцијата на Силјановска Давкова во Собранието, Радев потсети дека земјава е членка на НАТО, а од тоа произлегуваат соодветни обврски и одговорности.
Реагираше и бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев кој рече дека неговата земја нема да прифати изјави и однесување кои се спротивни на Договорот за добрососедство.
Говорот на Силјановска Давкова беше опишан како провокација и во грчките медиуми, кои го пренесоа ставот на портпаролот на тамошната влада, Павлос Маринакис дека засега не се дојдено до точката вета, но Преспанскиот договор мора да се почитува.
За отсуството на „Северна“ официјална реакција пристигна и од грчкото МНР кое ова го оцени како флагрантно кршење на Преспанскиот договор, но и на Уставот.
-И покрај приговорите што ги искажа како опозициска партија при ратификацијата на Договорот од Преспа, актуелната грчка влада како ратификуван го почитуваше меѓународниот договор, кој преовладува над секоја друга законска одредба – соопшти Министерството за надворешни работи на Грција.
Грчката амбасадорка во земјава пак, Софија Филипиду ја напушти собраниската седница на која Силјановска Давкова положи заклетва, во знак на протест за неупотребата на новото име на државата.
Реакциите стигнаа дотаму што и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен преку социјалната мрежа Х порача дека Северна Македонија треба да продолжи со приспатувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.
Од кабинетот на Силјановска Давкова пак, соопштија дека во јавните настапи таа ќе го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела.
Од нејзиниот кабинет додадоа и дека таа сепак ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.“
„Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Новоизбраната претседателка вели дека во иднина очекува и партнерите на земјата да ги почитуваат обврските од Преспанскиот договор, како што тоа го прави и Северна Македонија“, наведоа од кабинетот во писменото соопштение до медиумите.
Но играта со зборови на шефицата на државата, продолжува и понатаму.
Па така, во соопштенијата кои денеска ги испраќа нејзиниот кабинет во врска со посетата на папата Франциск, се користи терминот „нашата земја“.
-Претседателката Силјановска Давкова и Папата Франциск ги разгледаа можностите за унапредување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и културата и разменија мислење за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава – наведуваат меѓу другото од кабинетот.
Силјановска Давкова сѐ уште тема во грчките медиуми
Придавката „Северна“ ја нема ниту на ажурираната веб страница на претседателката, а тоа само ги интензивираше грчките написи поврзани со земјава.
Државната телевизија „ЕРТ“ во текстот објавен во вторникот вечерта пишува дека „официјалната веб-страница на претседателката Гордана Сиљановска не го содржи името Република Северна Македонија“.
-Уставното име на земјата, „Република Северна Македонија“ се појавува во описот на земјата во категоријата „МК“, каде што се наведени географски, демографски и други податоци. Во категоријата „Претседател“ се споменува едноставно „Претседател“ без да се наведе земјата на потекло. Дополнително, во информациите за нејзините средби со амбасадори на странски држави, се споменува само дека претседателката Сиљановска-Давкова имаше средби, објави „ЕРТ“.
Како што пренесе новинската агенција МИА, телевизијата „Мега“ во денешниот прилог коментира дека претседателката „играјќи со името на земјата на обновената интернет станица избегнува да го користи името Северна Македонија“.
-На сајтот не постои името на земјата, а до името на госпоѓата Сиљановска постои само титулата претседателка, објави ТВ „Мега“.
Дополнително, медиумите во Грција ги пренесуваат позициите и на грчката Влада, но и реакциите од опозициските партии, а акцентот го ставаат на пораката од Атина до Скопје дека за европската перспектива предуслов е почитување на Договорот од Преспа.
Грција е нешто повеќе од две седмици пред европските избори, а лидерите на партиите одржуваат митинзи, средби со граѓани и даваат интервјуа за медиумите, а освен на актуелните внатрешно теми, се осврнуваат и на македонско-грчките односи.
(В. Ми)