Велигденските јајца во домот на Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ веќе се вапцани и се прават последните подготовки за славење на големиот христијански празник.
Надица, сопругата на Димитриевски, за ММС испрати фоторафии од велигденската атмосфера во нивниот дом и ни откри дека вапцањето јајца е традиција во нивното семејство, но не само периодот кога живеат сами како семејство, туку и од порано, во домовите на нивните родители.
-Секоја година традиционално го одбележуваме Христовото воскресение-Велигден , со вапцање на јајца, одење во црква и со молитви за мир, среќа, бериќет, здравје и тоа за сите. Традиционално секоја година одиме на гости кај моите дома на ручек., но оваа година решивме ние да останеме дома и да чекаме гости, празничниот ручек да биде кај нас, вели Надица и додава:
-Традицијата за велигденските празнувања ни е всадена од нашите родители. Кога не бев мажена ѝ помагав на мајка ми кога требаше да ги вапцаме јајцата, потоа помагав на свекрвата, а како сме веќе сами, како сме во брак, еве 24 години тоа го правам јас. Знаете како е, порано учевме од баби и мајки, ама сега како сме семејство дома јас ја земав таа улога, но секако ќерка ми ми помага и како мала, ама и сега. Тоа е традицијата, тоа е почитувањето. Семејно на Велики петок одиме во црква да се протнуваме и носиме јајца, а во сабота навечер одиме да кружиме. А кој пости оди на причест. Поголемиот син ги пости цели пости, а и Максим исто така, а ние останатие само петок. Бидејќи годинава ние ќе чекаме гости, само децата ќе одат кај бабите и дедовците на гости да честитаат празник и да им посакаат да ги служи здравјето, вели Надица.
Таа откри дека во нивното семејство традицијата се почитува за сите празници, па и за Велигден, и дека лалето ѝ е омилен цвет за овој период од годината.
-Јас традиционално првите три јајца ги вапцам во четврток пред изгрејсонце. И ден денес се капеме со црвено јајце, децата иако се големи им остана традиција да се капеме со црвено јајце, за здравје за среќа. Црвените јајца и црвените лалиња во домот ме потсетуваа на овој празник. Лалињата ми се омилен цвет во овој период од годината, ги сакам зошто се убави, а кратко траат. За нас не поминува прзникот без вапцани јајца и лалиња на маса и секако најважно од сѐ молитвите, за здравје, среќа и бериќет и во нашиот дома и во сите домови. Затоа на сите им посакувам да се живи и здрави, ни рече Надица.
(В.М.)