Кандидатот за претседател од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова вечерва имаше обраќање пред граѓаните на Делчево, каде во рамки на централниот митинг во својот говор рече дека е чест да се биде во Делчево, градот на Гоце, кој за актуелниот претседател е Бугарин.
Упати поздрав до сите граѓани на Делчево без разлика на партиската припадност, велејки дека гласот и на неопределените граѓани или граѓани кои не се занимаваат со политика, во овој момент е важен за да можат да го кажат својот збор.
– Посебно сакам да истакнам од мојата програма дека има едно место за најранливата категорија во Македонија, а тоа се Ромите. Мислам дека господинот Салиу неслучајно го погреши своето име и презиме…тоа е зошто е импресиониран веројатно од моето залагање во Парламентот за член на Комисијата за заштита од дискриминација. Затоа во мојата програма има посебен дел за ромската заедница кои мора да ги направиме умните стручни Роми видливи, за да инспирираат и други, рече Сиљановска Давкова.
Малубројните, додаде, исто така се дел од Македонија и мора да уживаат посебна заштита.
– Инаку тоа мултикултурно, мултиетничко, мултиконфесионално е под прашалник особено ако тука е погубната формула за бинационална држава бидејќи сите знаат дека каде што имате „би” имате победници и губитници и резултатот не е добар, додаде кандидатот за претсдател од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.
Она што, според неа го прави специфичен овој натпревар со седумте кандидати за претседател, од една страна е баукот на примитивизмот и неодговорноста, несвесноста и непочитувањето на националните и државните интереси. Од друга страна, како што кажа, е нарцизмот меѓу дел од кандидатите, што, според неа предизвикува поделби и раздор.
Порача да се внимава на сопствеништвото лично или колективно на Македонија, на државата, на институциите.
– Институциите треба да бидат насочени кон искористување на јавно добро, а не институциите да ги користите во политички цели, да снимате спотови во институциите, славите роденден. Институциите не смеете да ги фамилијализирате.Затоа ние треба да ставиме крај на ужасната феудализација во македонија од луѓе со ограничен ум, од луѓе кои преку ноќ се збогатија. Да ги испратиме надвор од политиката бидејќи со тоа не навредуваат и не повредуваат. Затоа мислам дека ова е пресуден последен момент од кој извира нашиот легитимитет, ама вие сте тие кои морате да ги делегитимирате, бидејќи не водеа сметка за граѓанските потреби интереси и не ги задоволуваа, туку само мислеа на себе, додаде Сиљановска Давкова.
Мора, нагласи, да се тргне по филозофијата на санкционирање на секој без оглед на каква висока функција се наоѓал или се наоѓа, Уставот и законите мора да важат за сите на оваа линија.
– Се залагам за сериозно преиспитување на статусот при изборот на Судскиот совет, ова го велам како некој кој ќе биде надлежен за именување на двајца членови на судскиот совет, онаа скандалозна институција што не гарантира независно судство туку партиско судство, додаде кандидатот за претседател од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.
Околу актуелното работење на, како што рече, султанатот Македонија, воден од луѓе кои според неа си ја приватизираа државата, Сиљановска Давкова претходно зборуваше на митингот одржан во Берово.
– Врв на султанатот Македонија е она што се случи во Владата? Сте чуле ли некој премиер, па и некој технички премиер да си го слави роденден семејството во Владата. Луѓе, не само што ја приватизираа државата, туку и дворци си направија од државните институции, со сè внуци, со сè фамилија. Затоа јас велам дека се однесуваат како римски конзули. Можете да замислите што прави господинот Артан Груби? Му го дава министерството, зградата, на султанот Али Ахмети за тој таму да се среќава со дипломати, па да слави родендени, па дури и да си пее. Тоа ли е држава?, рече меѓу другото Сиљановска Давкова пред беровчани.
Најважниот предизвик за сите нас, потенцираше, е беспоштедната битка со корупцијата и криминалот.
На централниот митинг во Делчево, како и на претходните во Берово и Пехчево, свое обраќање имаа и Драган Ковачки носител во ИЕ 3 од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.