Потрагата по двегодишното девојче Данка која исчезна пред три дена добива нов правец, пишуваат српските медиуми.
Припадниците на Федералната полициска управа уапсија три лица во Хаџиќи, кантон Сараево, поради нивните тврдења дека се поврзани со исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во Србија, објавува Klix.ba.
Акцијата на Федералната полициска управа следи по актот издаден од Интерпол Белград.
Инспекторите на Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа ги лоцирале лицата преку ај-пи адресите, кои тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на малолетно девојче во Република Србија, односно барале 50 илјади конвертибилни марки за откривање информации.
И родителите повторно се повикани во полиција, а се испитуваат и роднини и соседи. Од утрово целиот двор околу викендичката е прекопан со багер, каде мајката дошла со двете деца.
Тамошните медиуми претходно објавија дека се вештачат мобилните телефони на родителите на исчезнатото девојче. Српската полиција не е во можност да го направи тоа со мајката бидејќи е бремена. Медиумите пренесуваат информации од истрагата, според кои сомнежите се моментално насочени кон семејството се испитуваат во какви односи биле и што правеле пред исчезнувањето на детето.
Според соседите, семејството на Данка живее на друго место, во оваа куќа не доаѓале често.
Ловџиите но и сите кои пребаруваа на терен тврдат дека толку мало дете не може далеку да залута и досега ќе се појавела некаква трага.
Трет ден трае потрагата по двегодишното девојче и за првпат беше активиран системот „Пронајди ме“ во Србија.
Се прегледуваат снимки од камери, на една од нив регистрирана е мајката како поминува улица со двете дечиња, по десетина минути на истата снимка бил забележан како пристигнува таткото а потоа и полицијата. Во истото време кога е пријавена Данка за исчезната, има видео на кое се гледа како автомобил забрзано се движи по улицата.