„Мамо зошто не нѐ пуштаат во странство? Зошто не ме лечат? Ќе се најде ли решение?“ – овие прашања Марина Колева од Кавадарци секојдневно ги слуша од нејзината ќерка Теодора (12).
Како што и претходно објави ММС, пренесувајќи ја животната приказна на семејството Колеви, Теодора е родена со срцева мана поради што мора да ѝ биде трансплантирано срце. Засега поради возраста тоа не е можно во Македонија, но префрлањето на „топката“ меѓу нашите институции прави Марина да нема одговори на прашањата од нејзината ќерка чија состојба се влошува.
Релацијата на трагање по одговори се одвива меѓу Фондот за здравствено осигурување и ресорното министерство. А додека овие две институции не можат да се договорат која од нив е надлежна, едно детство поминува дома без дружби наместо во училишните клупи.
Детство надвор од училишните клупи
Веќе две години Теодора не оди на училиште, бидејќи нејзиниот имунитет е премногу слаб и не ѝ дозволува да ужива во игрите со сестрите, но и со своите врсници.
Откако повеќе кардиохирурзи им кажале на родителите дека девојчето е мало и таква операција не може да биде изведена овде, тие обезбедиле конзилијарно мислење со потпис од тројца доктори од Клиниката за детски болести во Скопје, за трансплантацијата да се изведе во друга држава.
По контактирањето на повеќе болници од земјите од соседството па и подалеку, им било предочено дека операцијата не е возможна бидејќи Теодора не е државјанин таму.
Трошка надеж пристигнала од Италија, поточно од кардиохирургот Сергио Ведовати, координатор за трансплантација на органи во болницата L’ASST Papa Giovanni XXIII во Бергамо.
Тој објаснил дека согласно италијанската регулатива, нашите власти мора да исконтактираат со тамошниот Национален центар за трансплантација, да потпишат билатерален договор па потоа да се одлучува дали Теодора би била оперирана таму, односно ставена на листата за чекање.
И покрај ова, Фондот за здравство веќе два пати не го одобрува лекувањето на Теодора.
Нејзината мајка неколку пати имала средби со претставници на оваа институција, но залудно.
„Состојбата на ќерка ми се влошува, а институциите цело време си ја префрлаат топката. Кога разговарам со ФЗО ми велат дека проблемот е во Министерството за здравство, а од таму ми го кажуваат обратното. На нас прво ни стигна решение со кое нѐ одбиваат, па поднесовме жалба и пак бевме одбиени. Јас кога отидов во Фондот да разговарам тие ми ветуваа дека ќе прашаат и тука, ќе видат не само за Италија, туку и за други земји. Пет месеци наназад велат дека ќе го решат проблемот, а никако не го решаваат. Последниот пат кога бев ми рекоа дека проблемот не е до нив, проблемот е до Министерството за здравство и дека тоа треба да направи билатерален договор меѓу Македонија и Италија“, раскажува Марина за ММС.
Марина искомуницирала со нашите универзитетски, но и приватни клиники од каде како што вели, ѝ кажале дека Фондот ги нема контактирано за евентуална операција овде.
Министерството за здравство пак, тврди дека од нивна страна е испратена целата потребна документација во Италија за таму да се одобри трансплантацијата, но сѐ уште се чека на повратен одговор.
Мајката на Теодора вели дека доколку Фондот одобри лекување и во друга земја која не би поставила услов девојчето да е нивни државјанин за да биде оперирано, тие би заминале и таму.
„Ние во ФЗО дадовме и конзилијарно мислење и сите документи што беа потребни, но од која причина ме одбиваат стварно не знам. Треба да ми кажат и да наведат зошто сме одбиени ако имаме потписи од тројца доктори. Сите доктори што ја следат тука, кажаа дека нејзе мора да ѝ биде направена трансплантација на срце и тоа што е можно побргу. Во спротивно, постои ризик да ѝ се оштетат и белите дробови па да треба да биде приклучена на апарати за дишење“, додава Колева.
Административните бариери го отежнуваат доаѓањето до решение
Ситуацијата е дотолку повеќе комплицирана, што овој пат не би помогнале ниту донациите од хуманите граѓани, како во многу други случаи. Сплотеноста на јавноста не би била доволна ако се знае дека проблемот нема само финансиски аспект.
„Јас ќе одам пак до Фондот да видам што ќе ми кажат. Ова не може вака, штом докторите велат дека е потребна трансплантација, значи така треба. А во странските држави не се дозволува трансплантација на орган ако не е одобрено од нашиот фонд да одиме. Јас и да отидам, без одобрение е џабе. Значи и да пробаме со донации пак нема да може, мене ми треба документ како доказ дека таа операција е потребна, но дека тука не може да се изведе. И со донации да биде, пак ми треба одобрување. Треба да знаеме во која болница, колку тоа ќе чини. Јас не знам која болница Фондот ќе ја одреди и сумата која би била потребна за да соберам донации. Јас ја најдов Италија, но ако надлежните кажат да одиме во друга земја ќе одиме таму“, посочува Марина.
Темата за лекувањето на нашите деца во странство се актуелизираше со случаите на Леонид и Јани, но Марина вели дека тие не се изолирани и за жал, многумина чекаат на отстранување на административните бариери за да дојдат до решение за подобра здравствена состојба.
Така чекајќи, Теодора е во ризик да добие белодробна хипертензија.
Оттука, кај неа и една мала настинка би можела да ја влоши ситуацијата, поради што родителите ја чуваат речиси во изолација.
„На училиште не оди, доаѓаат нејзините наставнички дома кај нас со маска и така се држи наставата. Таа не смее да оди на настава, бидејќи ако настине ќе биде уште полошо, во тој случај ѝ се собираат течности во абдоменот. Многу ја пазиме, оваа зима немаше настинка, иако имаше еден вирус, но не беше страшно. Зимава добро ја чувавме, немаше контакти со другарките, ниту со сестрите. Сепак тие ако настинат веднаш одат во друга соба за да не ѝ наштетат, веднаш ги изолираме“, додава Марина.
Во првиот разговор за ММС таа посочи дека Фондот се обратил до неколку здравствени установи во Турција за операцијата да се изведе во некоја од нив, но тие ги известиле дека таа може да се изврши само на турски државјани. Токму врз основа на ваквото известување, ФЗО го одбива како неосновано барањето за лекување на Теодора во странство.
Сепак, институцијата како што тврди мајката на девојчето, не направила напори да исконтактира други држави и покрај ветувањата дека ќе се најде решение.
Нашата редакција претходно достави прашања за овој случај до Фондот за здравство, но одговори не добивме. ММС тогаш праша зошто не се исконтактирани и други држави, односно зошто е одбрана само Турција, но и по безмалку четири месеци од доставувањето на прашањата, одговор не добивме.
ММС повторно се обрати до Фондот, но овој пат и до Министерството за здравство, во обид да дознаеме дали и каков одговор е испратен од италијанскиот Национален центар за трансплантација. Но, до објавување на текстот одговор повторно нем. По добивање на одговорите од македонските институциите, ММС ќе ги објави како продолжение на објавите за случајот на малата Теодора.
Вања Мицевска