Гаранција за почитување на еколошките начела – бараат активистите за заштита на животната средина. Тие го поздравија носењето на првата македонска Стратегија за рударство, односно за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини. Сепак велат дека Македонија не треба да се промовира како рударска земја, а институциите да тргнат од јавниот интерес за здрав живот на граѓаните.
Од Министерството за економија пак, најавуваат дијалог и јавни расправи за овој стратешки документ кој се носи во согласност со Законот за животна средина.
„Искористување и експлоатација не по секоја цена“ – ова е мотото на првата Стратегија за рударство која македонската стручна фела треба да ја стокми и финализира за следните две децении односно за периодот 2025 – 2045. Екоактивистите го оценуваат документот како извонредно важен, но велат дека тој не треба да ја промовира Македонија како рударска земја.
Првичната верзија веќе е изработена од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и испратена до Министерството за економија. Екоактивистите застапувани од 47 невладини организации, до овие две тела, но и до Владата доставија низа барања со кои апелираат текстот на Стратегијата да биде поусогласен со нејзиното мото и да се залага за одржливо рударство, односно заштита на здравјето и животната средина.
За значењето на првиот документ од ваков тип, но и за тоа како тој би можел да се подобри во насока на заштита на природата, ММС разговараше со Лилјана Поповска од Зелен институт. Во меѓувреме, став околу забелешките на граѓанскиот сектор, побаравме и од Министерството за економија.
„Стратегијата ги засега сите граѓани на Македонија, иако некому можеби му изгледа далечна темата за рударство. Оваа тема сите нѐ засега имајќи ја предвид и големината на Македонија како земја, како и планинскиот релјеф и поврзаноста на хидролошката мрежа (реките, поточињата кои се испреплетуваат). Сите треба да сфатиме дека од еден рудник ќе има максимално загрозување на еден многу поголем регион отколку што е само опфатот на местото каде што се копа. Рударството од една страна произведува прашина и бучава, но исто така директно се одразува на подземните и надзмените води, почвата, а сето тоа е поврзано понатаму со производството на храна, начинот на живот, со чистотата на средината“, вели Поповска во изјава за ММС.
Одржлив концепт на рударството, бараат невладините
Според неа, мотото на Стратегијата е одлично, но не и соодветно на самиот текст.
„Во целиот документ се провлекува и се инсистира на еден друг пристап, чисто економски дури и неолиберален каде експлицитно се вели дека мора да се искористат минералните суровини и потенцијалите за експлоатација на минерални суровини во Македонија до максимум. И се наведуваат и економски анализи како тоа треба да се направи, да се максимизира, па дури се оди во една крајност каде што се најавува дека Македонија треба да се промовира како рударска земја. Тоа е концепт којшто е апсолутно неприфатлив“, децидна е екоактивистката.
Таа додава дека неконтролираната рударска експанзија би загрозила низа други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции кои се направени во туризмот и земјоделието.
За да не дојде до забуна, вели Поповска, невладините организации не се против рударството ако се знае неговата важност од економски аспект.
Сепак, потенцираат дека тоа треба да биде одржливо, а Стратегијата која се однесува на него, да води сметка за екологијата.
Една од главните забелешки на екоактивистите е дека рудник не смее да има поблиску од 5 километри до кое било населено место, ниту пак да се реотворат повторно старите рудници.
-Во оние места коишто се практично „жешки еколошки точки“, еден добар дел се стари рудници кои се оставени незаштитени и не е отстранет оној слој кој е загаден. Сега згора на сето тоа, да сакате на тие места каде што има стари рудници да отворите нови. Тие места се оптоварени со старо рудничко загадување. Токму затоа треба да се расчитат тие жешки еколошки точки и да се деконтаминираат за да можат луѓето нормално да живеат – објаснува Поповска.
Екоактивистите во мисија за заштита на биодиверзитетот и човековото здравје
Таа вели дека со останатите активисти кои се потпишуваат на барањата до властите, имаат мисија да ги заштитат биодиверзитетот и здравјето на луѓето. Оттука, ја прашавме и што значи одржливото рударство:
„Накратко кажано, тоа значи внимателно трошење на минералните суровини. Тоа значи дека не може во заштитени подрачја или подрачја кои се во фаза на заштита како Кожув, Беласица, Огражден и други, таму да внесете рудници. Тие подрачја имаат потенцијал да обезбедуваат здрав живот за околното население, меѓутоа и за биодиверзитетот. Не е сеедно каде ќе се одлучи да се прави рудник“.
Граѓанските организации всушност бараат Стратегијата да се измени и да се усогласи со веќе донесените стратешки документи за животна средина, земјоделие, туризам и рурален развој.
Во тој случај, новата Стратегија не би предвидувала отворање рудници во Источниот, ниту пак во Југоисточниот плански регион.
Ваквиот став, Поповска го аргументира со досегашните напори за инвестирање во туризмот во овие делови од државата.
„На пример, не може да се планираат рудници во места од Источниот плански регион каде што веќе се развива туризам, зашто тоа е одредено со Стратегија за развој на туризмот и со акциски план од 2015 до 2024. Истово ова е потврдено во уште 16 други инвестициски стратешки документи. Конкретно се работи за градови како Берово, Пехчево Делчево, Кочани и така натаму. Многу конкретни се тие стратешки и инвестициски документи и сите говорат за развој на туризмот во источниот регион“, вели Поповска.
Меѓу другото, со пример објаснува и зошто не би требало да се отворат рудници во Југоисточниот плански регион.
„Постои програма за развој на овој регион од 2021 до 2026 година поддржана од Швајцарската агенција за развој каде што се вели дека тој се гледа како економски, динамичен и конкурентен регион препознатлив по атрактивната туристичка понуда, земјоделските производи, социјалната сигурност и квалитетното живеење во урбаните и во руралните средини. Ама тоа не е компатибилно со рудници. Се работи за градовите и местата како што се Струмица, Дојран, Гевгелија, Богданци, Валандово. Значи, не може да си развивал со децении стратешки документи и си вложувал во бизниси, си субвенционирал земјоделци и туристички работници, за одеднаш да влезеш како со сатар и да правиш рудник во истите места“, додава Поповска.
Во барањата на активстите стои дека не може да има рудници во дворовите на луѓето, не покрај нивите, не покрај водите, не во заштитени подрачја.
-Треба да се почитуваат законите кои сме ги донеле и стратегиите што сме ги донеле. Тоа се главните забелешки што во оваа работна верзија на Стратегијата се меша пристапот. Велиме „да“ за рудници, меѓутоа рударство може да има онаму каде што не ги загрозува населбите и биодиверзитетот – додава нашата соговорничка.
Наспроти забелешките, екоактивистите сметаат дека новата Стратегија содржии и доста солидни делови имајќи предвид дека е правена од експерти во својата област.
„Извонредно добар е делот кој го има изработено професорот Трајче Стафилов, кој е за еколошкиот аспект на оваа стратегија и прецизно ги наведува сите жешки еколошки точки во државата. Тој точно кажува колку е големо загадувањето во едно Лојане на пример, од стариот рудник. Во Стратегијата има одлично мото и одличен еколошки дел, но другиот дел треба да претрпи промени бидејќи премногу се инсистира на експлоатација на минерални суровини по секоја цена секаде“, нагласува Поповска.
Граѓанските организации засега немаат повратен одговор и велат дека ова можеби се должи на моменталната состојба во државата со промените на политичко ниво иако како што велат, за сериозните прашања треба да се разговара независно од изборниот период.
Широк дијалог и соработка со сите засегнати страни – најавува Министерството за економија
На прашањето дали барањата од екоактивистите ќе бидат интегрирани во Стратегијата, од Министерството за економија велат дека МАНУ ќе организира широк дијалог и соработка со актери и засегнати страни на локално, регионално и национално ниво од рударската индустрија. Дури потоа, барањата ќе бидат анализирани и сходно на тоа, интегрирани.
Во писмениот одговор до ММС, од Економија објаснуваат дека потребата од носењето на еден ваков документ се наметнала од Законот за минерални суровини.
-Стратегијата зазема интегриран пристап со единствена цел: идентификување на можности, предизвици и создавање поволни услови. Она што е во основата на Стратегијата е да ѝ овозможи на индустријата (минералната индустрија, рударската) која своето постоење го должи на геолошките истражувања и која се занимава со искористување на минералните суровини да расте и да се развива одржливо, истовремено почитувајќи ги еколошките начела и принципи – велат од ресорното министерство.
Од оваа институција појаснуваат дека согласно Законот за животна средина, во однос на стратешкиот документ ќе биде спроведена постапка за Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС).
Целта на оваа постапка е интегрирање на основните начела за заштита на животната средина во процесот на подготовка и усвојување на планските документи. Откако таа ќе биде изработена, Стратегијата ќе биде доставена до Министертвото за животна средина и просторно планирање, по што ќе се утврди и одржувањето на јавни расправи.
Од министерството за економија најавуваат дека откако ќе завршат јавните расправи, Стратегијата е биде проследена до Владата.
Инаку, според податоците на Македонската асоцијација за рударство (МАР), домашниот рударски сектор директно креира 8.000 работни места. Првиот човек на Асоцијацијата, Ивица Талевски смета дека само со одржлив развој, рударската индустрија ќе го добие местото што ѝ припаѓа во нашето општество.
Во интервју за државната новинска агенција МИА, Талевски истакнува дека рударството треба подеднакво да води сметка за економската, социјалната и димензијата на животната средина.
Според Талевски, учеството на рударството во структурата на вкупното индустриско производство на земјата во изминативе неколку години се има искачено над 11 проценти. Извозот во овој сектор традиционално секоја година надминува 200 милиони долари, од кои над 75 проценти отпаѓа на извоз на метални руди.
Вања Мицевска