Шокантно видео покажува како тинејџерката прво се клати, а потоа паѓа во одморалиште на планината Мамут во саботата. Скијачите му се придружија на персоналот во одморалиштето во држење „мрежа на спас“ во обид да го ублажат падот на девојчето.
Од одморалиштето велат дека тинејџерката не седела правилно на ски-лифтот и почнала да се „лизга“ од столот, но инцидентот предизвика бес кај скијачите кои ги обвинија операторите на лифтот за небрежност.
-Татко ми и другарка ми го видоа девојчето како се лизга и веднаш почнаа да викаат да ја запре жичарницата, но на операторот му требаше речиси една минута и дотогаш таа веќе беше на висина на просечна трикатна зграда. Целосно виновен е операторот на лифтот – изјавил роднина на двајцата мажи кои биле на жичарата, објавено на Инстаграм.
Одморалиште на падините на Сиера Невада во Калифорнија е преполно со гости по обилните снежни врнежи во јануари.
-Од засега непознати причини, гостинката не седела добро и почнала да се лизга од столот. Други луѓе на жичарницата ја грабнале и ја држеле додека операторите не го запреле лифтот. Петмина вработени и осум гости веднаш реагирале и ставиле мрежа под девојката. Кога се лизнала од рацете на луѓето што ја држеле, паднала во мрежата која го ублажила падот, но не го спречила нејзиниот пад. Гостинката е пренесена на прегледи во болницата Мамот – се наведува во соопштението на одморалиштето.
Сепак, скијачот кој го снимил целиот инцидент и бил зад несреќната девојка на жичарницата, за се го обвини одморалиштето и тврди дека „спасителите“ воопшто не ја фатиле девојката.
-Целосно не успеале да ја фатат девојката во мрежата откако ја увериле дека „се е во ред“. Слушнав како велат дека никогаш досега не го правеле ова и дека не се доволно искусни за вакви ситуации – напиша “lunar_rock_maxx” на Инстаграм.