Грција ги интензивира работите на проектот за гасен терминал Александрополи, од каде и Македонија ќе добива гас. Овој проект кој се најавува како клучен за македонската енергетика, доживеа пролонгирање, поради тоа што се дополнува и покрај течен природен гас, се прилагоди и за пренесување на водород. На проектот кој се најавува како важен и од аспект на намалување на зависноста од руски гас, се противи Здружението на инжинери, кои сметаат дека е една погубна инвестиција на државата, но и трошење на државни пари и време.
Проектот Александрополи претставува платформа за складирање и гасификација, со капацитет од 153.500 m2 природен гас, кој се очекува да се поврзе со интерконекторот кај Неготино, со што ќе протечат и неопходните количини природен гас за македонските граѓани.
Александрополи е проект од три дела. Првиот е гасен терминал. Тој се наоѓа на 22 километри во морето. Кога доаѓа бродот, преку декомпресирање се внесува во цевката и се носи на копно. За имплементација на овој мега проект Македонија учествува во инвестицијата со 10 проценти, чија вкупна вредност е 370 милиони евра.
Македонија пред сериозни инфраструктурни и енергетски проекти
Според Бајрам Реџепи, директор на Македонски енергетски ресурси, постојат мали пролонгирања, од повеќе причини, но една од нив е затоа што проектот претрпел измени. Прилагоден е освен природен гас, да преносува и водород. Делот кој ќе се гради од наша страна треба да изнесува околу 58 милиони евра.
„Овој проект е исклучително комплексен, посебно затоа што треба да се координираме и со нашите партнери од Грција. Според досегашните информации од нивна страна, во врска со гасниот интерконективен вод со Република Грција постапките течат според заедничката дефинирана динамика со партнерите од Десфа и според првичниот план, терминалот во Александрополис треба да биде оперативен во првите два месеци од годинава.
Инаку, за проектот веќе постои одобрение за градба, во тек се постапките за експопријација, потпишан е договорот за надзор, обајавена е постапката за градба, потпишани се договорите со „WBIF“ за грант и со „EIB“ за заем, градбата треба да започене кон крајот на првиот квартал од 2024 година, и да заврши до крајот на 2025 година, вели Реџепи во изјава за ММС.
Фото: МИА
Првиот човек на Македонски енергетски ресурси, подвелкува дека целта на изградбата на овој интерконектор е преку него да се обезбеди диверсификација и конкурентност на пазарот со природен гас во земјава и сигурно снабдување со гас од Азербејџан, течен гас од САД и другите држави.
„Изградбата на гасниот интреконектор со Република Грција , не е поврзана со ФСРУ (терминалот), во Александрополи, бидејќи овој интгерконективен вод овозможува пристап не само до ЛНГ терминалите, туку до сите снабдувачки капацитети што се во Република Грција, вклучувајќи и ТАП (Транс Адриатик Пипелине). Со тоа се овозможува диверсификација и независност на нашите извори на снабдување со природен гас, и ќе биде овозможено снабдување од било која точка на светот. Тоа значи дека ќе биде овозможена целосна конкуренција во снабдувањето, а со тоа и поконкурентни цени, вели Реџепи за ММС.
Кога македонските граѓани ќе може да го користат природниот гас во домаќинствата?
Според Бајрам Реџепи, гасот за нашата земја засега е најблиското техничко решение за спас на граѓаните и од загадениот воздух. Но за да се гасифицира земјава потребен е извесен период.
„Првите стабилни количини на гас треба да протечат преку Грција на почетокот на 2025 година. Македонија ќе има пристап до капацитети од над 2,8 милијарди метри кубни гас годишно. Дополнително треба да се работи и на гасификација на термоелектраните. Кај нас само Те-То има инсталиран капацитет од 220 мегавати и годишно користат околу 300 милиони кубни метри гас. ТЕЦ Неготино според студијата е предвидено да троши од 700 до 800 милиони метри кубни гас. За РЕК Битола сеуште нема ниту студија ниту проект за префрлање на гас. Владата е предвидено да влезе и во процес на субвенционирање на внатрешните инсталации на гас, како радијатори, бренери и бојлер, по систем сличен како телефонските оператори што даваат апарати на исплата на корисници што ќе склучат договори со нив. Така да инвестицијата за поставување на инсталација за употреба на гасот, граѓаните да ја отплаќаат на неколку години. Греењето на гас треба да биде три пати поевтино, отколку греењето со електрична енергија“, потенцира Реџепи за ММС.
Преку „Александропули“ до ублажување на енергетската криза во Македонија
Од Министерството за економија се согласни дека со реализацијата на оваа инвестиција ќе се зголеми и капацитетот за дотур на гас во земјава, но и дека ќе се влијае врз либерализацијата на пазарот.
„Имајќи ја предвид енергетска криза во Европа и кај нас, ова е конкретен чекор кој треба да даде резултати во стабилизација на снабдувањето со енергија. Овој геостратешки проект е прогласен за проект од посебен интерес на Европската Унија за природен гас и за него Европската комисија одобри поддршка за ефикасна интеграција со други важни проекти за инфраструктура на природен гас на регионалниот пазар.
Владата ја заокружи финансиската конструкција на проектот за изградба на интерконективен гасовод од Неготино до границата со Грција вреден 57,8 милиони евра. Од Европската инвестициска банка се обезбедуваат 28,9 милиони евра, преку инструментот ВБИФ на ЕУ за проектот се достапни 12,4 милиони евра неповратни средства, додека од Европската банка за обнова и развој ќе се обезбедат преостанатите 16,5 милиони евра за гасоводот кон Грција, велат оттаму за ММС.
Македонска инвестиција во „Александропули“ – добра или лоша одлука?
Ставовите во јавноста околу проектот се поделени. Додека едни велат дека е од исклучително значење за нашата држава и историски момент, други пак сметаат дека парите треба да се насочат дома во изградба на енергетски капацитети кои и се неопходни на земјава.
Според Здружението на инженери на Македонија, економските ефекти од гасниот терминал ќе бидат занемарливи со оглед на фактот дека американскиот течен гас е многу поскап, а цехот на крај ќе го плататат компаниите и граѓаните.
„Апсолутно погубна инвестиција. Искуството ни покажаа дека вложување во енергетски објект во странска земја е само трошење на пари и време. Освен тоа, ако не ја користиш само отпадната топлинска енергија е неисплатива инвестиција. Затоа и ТЕ- ТО во Скопје работи само во зима. Македонија мора да обезбеди алтернативно снабдување со гас. Гледаме дека во нивни интерес е само да трошат народни пари, долгорочен проект не се прави од опашката кон главата. Еве, пример за тоа е најавата дека скоро ќе се распиши тендер за гасни електрани во Неготино и Битола, а тие ќе висат само на еден довод на гас преку Бугарија, велат од Здружението на инженери за ММС.