Во Кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи, потврдија денеска надлежните од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во одгледувалиште во село Тромеѓа во лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е потврдено присуство на болеста африканска чума кај свињите.
Од АХВ велат дека засега состојбата е стабилна. На фармата со 600 животни од различни категории, угинати се 60 свињи и во моментот се спроведуваат мерки за депопулација. Од Агенцијата велат во засегнатите подрачја воспоставени се заштитна и зона под надзор.
Заштитна зона е во радиус од три километри околу жариште село Тромеѓа и населба Карпош во Општина Куманово. Таму се преземаат повеќе мерки, одземање, убивање и нештетно отстранување на свињите кои се наоѓаат во одгледувалиштата каде е потврдена болеста, како и во сите контактни одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста. Објектите и просториите се дезинфицираат и чистат, се спроведува епидемиолошко испитување, попис, прегледи, се регистрираат животните, се преземаат биосигурносни мерки. Евидентирање на сите нерегистрирани одгледувалишта и нивна категоризација во однос на степенот на спроведување на биосигурносните мерки. Депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта категоризирани со висок ризик со колење за економско искористување на месото од закланите свињи.
-Во некомерцијалните одгледувалишта колењето може да се изврши во домашни услови за сопствени потреби, единствено во присуство и под надзор на доктор по ветеринарна медицина од надлежно ветеринарно друштво со земање на мостри за лабораториско испитување. Во комерцијалните одгледувалишта со висок ризик колењето се врши во кланица со земање на мостри, месото задолжително подлежи на еден од третманите за намалување на ризикот за ширење на болеста. По исклучок, депопулација на животните кои не можат да бидат заклани поради нивната благосостојба или неможност месото економски да се искористи се врши со евтаназија и нештетно отстранување на труповите, велат од АХВ.
Превозот на животите се забранува од зона во зона. Од ЈП „Пазаришта Куманово“ потврдија дека добиточниот пазар е затворен.
-На 27 декември лани, добивме решение од Агенцијата за храна и ветеринарство да се затвори добиточниот пазар поради појава на африканска чума кај свињите, изјави директорот на ЈП, Гзим Кадриу.