Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера гостуваше на националниот сервис, каде меѓу другото беше запрашан „дали имал средба со Палевски“. Мицкоски прво одговори дека се среќава со многу луѓе затоа што е политичар, за потоа да потврди дека имал средба пред околу четири години, кога тој му барал поддршка за да регистрира политичка партија и дека немале никаква друга соработка.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ го смени текот на разговорот кога новинарот го праша за неговата изјава дека има информации за случајот и тоа ќе го изнесе пред јавноста по месеци и се осврна на одговорноста на институциите.
Сега неминовно се поставува прашањето, какви информации знае Мицкоски и зошто јавно не ги кажува или пак тоа не го направи пред обвинителството или пак станува збор за собирање на ситни политички поени.
Во време кога целата јавност беше потресена од случајот со двојното убиство, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја потресуваа јавноста со нивното неодговорно однесување.
- „Некој се обидува да направи дефокус од суштинската тема и да се занимава со некое периферно прашање кое нема никаква врска со ова коешто беше тема тој ден, но и деновите претходно и потоа,“ рече Мицкоски.
Сопартиецот на Мицкоски, Драган Ковачки во неколку наврати излегуваше со нивни проекции за случајот со двојното убиство на 14 годишната Вања и 74 годишниот Панче, а Мицкоски во вчерашното интервју вели дека ВМРО-ДПМНЕ сеуште чека одговори на дилемите околу убиствата и нема информации за случајот иако претходно најави дека има информации.
На вчерашното гостување во МРТВ, Мицкоски беше прашан и дали ставовите на Палевски за Преспанскиот договор, критиките за францускиот предлог и манифестацијата на „патриотизам“ под превезот на знамето од Вергина, го прават поблизок до ВМРО-ДПМНЕ, на што Мицкоски се оградува и вели дека токму тие ставови покажувале оти тој е партиско-полициска инсталација.