Негативните последици од пандемијата со Ковид 19 врз квалитетот на образованието во глобални размери ги потврди и меѓународната ПИСА студија што беше спроведена во 2022 година. Денеска Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од ова последно меѓународно тестирање, кои покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15 годишна возраст во речиси сите држави учеснички.
-Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа.
Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми, информираат од Министерството за образование.
ПИСА тестирањето за прв пат кај нас се реализираше електронски, а ОЕЦД даде висока оценка која ја потврдува техничката подготвеност на Северна Македонија и беспрекорноста на спроведувањето, што не е случај во 20% од земјите учеснички во кои не беше запазен барем еден од стандардите на изведување на тестирањето. Ова е четврто учество Република Северна Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно бевме дел од студиите во 2000та, 2015та и 2018та година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.