Речиси 60 полицајци и навивачи се повредени изминатата вечер во Софија во судирите по евроквалификацискиот натпревар меѓу фудбалските репрезентации на Бугарија и Унгарија што се одигра зад затворени врати, објавија денеска бугарските власти.
Портпаролката на градскиот Оддел за итни случаи, Катја Сунгарска, информираше дека се повредени 33 полицајци, вклучувајќи „неколкумина со тешки повреди“, како и 24 навивачи, од кои седуммина се хоспитализирани повреди на главата, скршеници и иритации на дишните патишта и очите.
Досега се уапсени 33 хулигани, а полицијата трага по други осомничени за напад врз полициските сили.
Фудбалски навивачи од цела Бугарија се собраа вчера во Софија за да бараат оставка од претседателот на фудбалската федерација на земјата, Борислав Михајлов, незадоволни од начинот на кој раководи со репрезентативниот фудбал.
Учесниците на протестот фрлаа петарди, чадни бомби, пивски шишиња, па дури и камења и сообраќајни знаци врз силите на редот, при што запалија и полициско возило.
Полицијата употребни водени топови за да ги растера толпата учесници, чија бројка ја процени на околу 4.000, пренесува МИА.
Бугарскиот Спортал, ги изнесува деталите од брифингот со началниците на полицијата, директорот Љубомир Николов и неговиот заменик Стефан Иванов.
-Уапсени се 33 лица. Има малолетници. Тројца се уапсени бидејќи го запалиле автобусот. Поради оштетување на општински и приватен имот. Спречивме убиствата да се случат! Да не бевме ние ќе имаше жртви. Цела Софија би била во пламен со големи штети. Би се случил неповратен процес. Провокаторите се појавија откако бројот на протестанти надмина 4.000 луѓе. Потоа почна вандализмот. Целта беше да се комбинираат невините и агресивните за да се отежне нивното откривање. Но, ги откривме – категорични беа Николов и Иванов на брифингот.