На еден од ножевите што полицијата ги пронашла на местото каде што на средината на август беше убиен навивачот на АЕК Михалис Кацурис, била откриена ДНК на 35-годишен грчки навивач, пренесуваат медиумите во Грција, повикувајќи се на извори од полицијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Според државната новинска агенција АНА-МПА, по направената анализа на генетскиот материјал бил идентификуван 35-годишен грчки државјанин, кој во петокот пред судија дал исказ за случајот и рекол дека за време на инцидентите со хрватските навивачи носел нож, но го загубил.
Уапсениот веќе е во затвор, бидејќи било утврдено дека е веќе осуден на една година затвор и парична казна за вмешаност во друг случај, односно за инцидентите меѓу навивачи за време на финалето од купот на Грција во Волос, во 2017 година.
– Како што нагласуваат истите извори, 35-годишниот во наредните денови повторно ќе биде истражен од надлежните, за да се утврди дали бил вмешан во смртоносната повреда на 29-годишниот навивач на АЕК, пишува АНА-МПА.
Весникот „Катимерини“ коментира дека последните случувања одново го враќаат во прв план сценариото дека навивачот на АЕК бил повреден до смрт, ненамерно при судир со уапсениот 35-годишен.
Михалис Кацурис на 7 август, за време на сериозните инциденти во Атина меѓу навивачите на АЕК и Динамо Загреб беше прободен со нож во пределот на раката и им подлегна на повредите.
За инцидентите, беа уапсени над 100 лица, мнозинството од нив хрватски државјани на кои им беше одредена мерка притвор и се наоѓаат во грчките затвори.