Инспекторите влегоа во една пекара и три училишни кујни, откако беше пријавено дека кај девет ученици е откриено присуство на бактеријата салмонела. Учениците се од три различни основни училишта во Општината Карпош и се работи за ученици од прво до трето одделение. Најмногу – пет ученици со салмонела се во основното училиште „Владо Тасевски“, три се од „Војдан Чернодрински“ и еден пријавен случај во „Јан Амос Коменски“.
Екипи составени од претставници на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) извршија контроли и зедоа мостри.
Овие инспекции треба да покажат во која храна се наоѓа бактеријата салмонела, чие присуство најчесто се поврзува со здравствено неисправни јајца. Салмонеолозата е болест, која носи сериозни здравствени тегоби, како повраќање, дијареја, исцрпеност и дехидратација.