Веќе е познато дека хрватската ѕвезда Јелена Розга ќе одржи голем концерт во Скопје на 10 февруари во „Борис Трајковски“. Ова ќе биде нејзин прв голем концерт иако Јелена е чест гостин во Македонија на клубски журки или пак, на некој плоштад.
Каков ќе биде концертот? Ако се суди според она што вчера се случуваше во Нови Сад, а на кој беше присутен и ММС, ќе биде спектакл, настап како на светска ѕвезда иако на многумина им оддава впечаток на мирна, тивка и повлечена, но сепак, Јелена вчера покажа дека е лавица.
Најпрво го блокираше градот, потоа ја преполни салата „Спенс“ и направи лудница, која траеше над два ипол часа. Skymusic, пак, кој е организатор на концертите на нејзината турнеја „Минут срца мог“, а кој ќе го организира и концертот во Скопје, сите ги остави без здив со модерна продукција, аудио-визуелни елементи и моќна техничка опрема, која придонесе јелена да звучи како на цеде.
На настапот надополнет со танчери Јелена не застана, постојано играше и пеење, а се пресоблече неколку пати, што ги воодушеви сите, па затоа и подоцна праша: „Кој фустан најмногу ви се допадна“.
„Црниот“, едногласни беа сите.
Публиката не само што ја пречека со овации, туку заедно со неа ги пееше нејзините хитови „Бижутерија“, „Гинем“, „Размажена“, „Гинем“, на која понесена од еуфоријата и атмосферата заплака на сцена.
Дека таа емоција е вистинска, дека солзите се искрени и од срце, таа призна по завршување на концертот, кога одржа прес конференција.
-Беше толку убаво, толку многу уживав, јас веројатно утре воопшто нема да ги чувствувам нозете, но вредеше секоја секунда за оваа публика. Беше неверојатно, рече Јелена и додаде:
-Оваа работа ја работам долго време, но мислам дека најубавото нешто во сето ова е што уживам како да ми е прв концерт. Имам трема, која мислам дека никогаш нема да престане, а ако некогаш престане, а верувам дека нема, тогаш ќе го ставам микрофонот и повеќе нема да пеам. Ништо не правам на половина, не сакам и не можам да ја лажам публиката, сакам да ги давам душата и телото. И ништо од тие емоции на сцена не беа глума, тоа не може да се изглуми, кажа Јелена и продолжи:
-Еве и сега ми доаѓа да пуштам солза. Па кога почнаа да ја пеат „Гинем“ заедно со мене, од таа емоција мислев дека ќе колабирам. Од убавината, од емоцијата и љубовта што ми ја даде публиката. навитина ми дадоа огромна сила – рече таа.
Новинарите не ја испуштија можноста а да не ја прашаат за нејзиниот бивши, познатиот челист Стјепан Хаусер, со кој беше свршена. Таа симпатично го одбегна одговорот.
-Концертот навистина беше прекрасен, додаде.
На крај, секако беше прашана и што на концертот во Скопје да очекува македонската публика, на што таа рече:
-Едвај чекам, се радувам како мало дете. Ќе има многу љубов и емоција, рече Розга.
Весна Миленковска