Францускиот претседател Емануел Макрон му се закани на Косово дека од 1 јануари нема да биде дел од безвизниот режим доколку не се почитуваат договорите постигнати со Белград, јавуваат приштинските медиуми.
„Да бидам јасен, ние ви верувавме за прашањето за визите, тоа прашање беше суспендирано од Франција, бидејќи тоа има врска со почитување на дадениот збор и зборот не се одржа. Очекувам двете страни да се посветат на напредок. Ова е услов за мир во целата област“, рече Макрон на прес-конференцијата во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама.
Францускиот претседател рече дека очекува Косово и Србија да организираат избори на север со целосно учество на Србите на изборите и во институциите, а потоа да ја признаат Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово. Макрон очекува српскиот претседател Александар Вучиќ остро да го осуди нападот врз косовската полиција во Бањска на 24 септември.
-Очекувам Вучиќ да биде одговорен, а истото го очекувам и од косовскиот претседател и премиер“, рече Макрон.
Одлуката за суспендирање на укинувањето на визите за имателите на косовски пасоши се однесува само на Франција, а не и на целата Европска унија.
Европскиот парламент на 18 април годинава донесе одлука да го поддржи укинувањето на визите за жителите на Косово. Истите правила би важеле за нив, како и за сопствениците на српски пасоши, односно во земјите на ЕУ да можат да престојуваат без виза најмногу 90 дена.
Извор: Н1