Низ цела Србија градоначалници и претседатели на општитните почнаа да поднесуваат оставки, што е во корелација со вчерашната изјава на претседателот Александар Вучиќ, дека „парламентарните, покраинските и белградските избори ќе се одржат заедно, како и во некои општини и оти тие може да се одржат на 17 декември“, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што неофицијално дознава „Политика“, иницијативата за оставки дошла од врвот на СНС, а причината се наводно претстојните избори, поради што најверојатно сите градоначалници и претседатели на општини во Србија од владејачката коалиција ќе поднесат оставки според истото сценарио.
Досега, според неофицијалните информации на агенцијата Бета, од таа функција се повлекол долгогодишниот градоначалник на Лесковац, Горан Цветановиќ.
Од таа функција поднесе оставка претседателот на општина Краљево, Предраг Терзиќ. Истото го направија и претседателите на општините Кучево и Смедерево, сите членови на Српската напредна странка.
Н1 неофицијално дознава дека оставка поднела и претседателката на општина Трстеник, Милена Турк, а според медиумите до петок наутро истото ќе го сторат сите претседатели на општини на југот на Србија.
Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ денеска изјави дека предвремените избори во главниот град на Србија најверојатно ќе се одржат на 17 декември.
-Се ќе знае за неколку дена. Ако се одржат изборите на 17 декември, дали тоа е конечниот договор, ќе знаете за неколку дена. Има точно законски процедури кои ја условуваат таа одлука. За неколку дена ќе имате информации дали се договориме крајниот датум да биде 17 декември. И многу е веројатно дека ќе биде, а за неколку дена ќе знаете какви чекори ќе се преземат за да треба да ги спроведеме изборите на 17 декември, одговори Шапиќ на прашањето на Н1 кога ќе поднесе оставка доколку изборите се одржуваат на 17 декември и дали ќе оди на некоја друга тактика, како на пример колективна оставка на сите одборници во собранието на градот Белград.