Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов вели дека општините се комплетно самостојни, децентрализирани и треба со своите расположливи инструменти да работат и да ги решаваат проблемите на граѓаните.
Според некои градоначалници, децентрализацијата е дискриминирачка. Степенот на децентрализација требало да биде поголем за да може да се генерира развој на локално ниво, затоа што проблемите со коишто се среќаваат граѓаните се токму тие проблеми коишто општините ги имаат како надлежности. Во тоа надмудрување околу надлежностите најмногу губат граѓаните коишто во неможност да си ги решат проблемите се жалат на Народниот правобранител. Нив ги интересира пристапниот пат до нивниот дом, зошто нередовното се фрла сметот, зошто чадат депониите, зошто има дискриминација во училиштата, наплатата на данокот.
За некои општини децентрализацијата не ги решава, туку ги генерира проблемите и за општините и за граѓаните
Според Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов општините се комплетно самостојни, децентрализирани
„Тие треба со своите инструменти да работат и да ги решаваат проблемите на граѓаните. Онаму каде што недостигаат средства да се прават одредени проекти, заеднички да се покриваат одредени финансиски потреби на општините. Треба да сфатиме дека ние сме Македонија, и сме со тие можности со коишто располагаме, најограничен ресурс во земјава се парите,“ образложува Пенов.
А кога општините се обидуваат да обезбедат пари за реализација на некои од своите проекти искреирани од барањата на граѓаните, како на пример преку издавањето на општинска обврзница, работите одат тешко.
Издавањето на општинските обврзници е еден покомплексен проблем, смета министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
фото-Министерство за локална самоуправа
„Не изгледа едноставно, се работи за државно задолжување. Општината бара, но државата се задолжува. Државата дали ќе зема меѓународни или домашни кредити тоа исто така се решава во други рамки. Волја постои, но треба да се најде начинот. Во овој ребаланс што сега помина се покажа дека заради покачување на платите, додатни резервни средства немаше, додава Пенов.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека земјава има најниско ниво на децентрализација и доколку сакаме да се интегрираме во ЕУ треба и степенот на децентрализација да биде повисок, за да можат општините да генерираат развој.
„Не само степенот на децентрализација, туку и начинот на децентрализација, затоа што ние имаме децентрализација, којашто ни генерира проблеми. Немаме придобивки од децентрализацијата и тоа е она што треба да се слушне. Ние живееме повеќе од 30 години како држава во која што институциите дали се на локално или на централно ниво генерираат проблеми на граѓаните а решавањето на тие проблеми зависат од соработката со Народниот правобранител, со владеењето на правото и од соработката на законите. Во Македонија има зголемена недоверба на граѓаните кон институциите “, вели Јорданов.
Измените во законот за финансирање на ЕЛС не ги реши огромните финансиски проблеми на општините
Општините бараат критериуми по кои ќе се реализира децентрализација, бидејќи како што вели штипскиот градоначалник Иван Јорданов, во одредени општини децентрализацијата е дискриминирачка.
„Ние добиваме исто средства од државата, процентот на реализација на буџетот на Општина Штип исто е неколкукратно повисок од реализацијата во некои други општини, а ние добиваме исто средства од државата, а тие општини можеби и недомаќински се однесуваат со народните пари,“ вели Јорданов.
Според последните усвоени измени на Законот за финансирање на ЕЛС усвоен во јули 2022 година, од дотогашните 3 отсто, од 2022 година општините добиваат 4 отсто од данокот на личен доход , во 2023 тие се зголемија на 5 отсто, а во 2024 година тој износ ќе биде 6 отсто од парите кои ќе се соберат по основ на овој данок.
Приходите од данокот на додадена вредност се зголемија од дотогашните 4,5 отсто, на 5 отсто во 2022 год, на 5,5 отсто во 2023 година, а во 2024 година ќе достигнат 6 отсто.
Проценките на владата беа дека парите што општините ќе ги добиваат по овие два основи речиси ќе се удвојат до 2024 година.
Тоа што процентот е ист за сите општини, за некои градоначалници е дискриминаторски и дестимулативен, а за граѓаните нерешавање на локалните проблеми.
„Граѓаните се најдиректно засегнати, затоа што од ова зависи развојот на инфраструктурата кадешто тие живеат. Доколку општините се стимулираат и се мотивираат да имаат повисок степен на реализација на капитални инвестиции и да имаат повисок степен на наплата на данок на имот и на сите други видови на даноци и од тоа зависат средствата коишто како блок дотации префрлаат на општините, тогаш дефинитивно ќе имаме повисока стапка на капитални инвестиции, развој на општините и задоволни граѓани,“ вели Јорданов.
Целта на процесот на децентрализација на власта е нивото на одлучување да се приближи до граѓаните за сите прашања кои што имаат директно влијание на нивното секојдневно живеење.
Во тоа надмудрување околу надлежностите најмногу губат граѓаните коишто во неможност да си ги решат проблемите се жалат на Народниот правобранител. Тие реагираат на пристапниот пат до нивниот дом, зошто нередовното се фрла сметот, зошто чадат депониите, зошто има дискриминација во училиштата, зошто Охриѓани плаќаат многу повисок данок на имот, наплатата на данокот, легализациите на бесправно изградени објекти.
В.Кр