Министер во поранешна влада на ВМРО ДПМНЕ давал концесии во замена на акции во странски компании, тврди министерот за економија Крешник Бектеши. Зборувајќи синоќа на трибината со која од Скопје почна кампањата „Ние сме Европа“, рече дека тоа се „политичари кои сакаат да ја блокираат државата“.
-А тие компании каде што тие се акционери денес се сведоци против државата и тие мислам дека не треба да ја имаат поддршката од нашите граѓани, рече Бектеши.
Актуелниот министер за економија сепак, не го кажа името на поранешниот министер со коруптивно однесување, но дека треба да се побара во Белата палата, како што неформално во јавноста се нарекува седиштето на ВМРО ДПМНЕ. Како што рече Бектеши, името на поранешниот министер, како што најави, ќе го каже за неколку месеци откако ќе заврши судската постапка.
Со синоќешната отворената трибина: „ЕУ за македонската економија” на плоштадот Јадран во Скопје, официјално започна кампањата „Ние сме Европа“ на Секретаријатот за европски прашања. Вакви трибини се најавени во неколку градови во државата.