Крива Паланка вчера вечерта експлодираше од музика, Joy фест на најубав можен начин го прослави 10 роденден!
Два дена се пееше и играше, но вчера вечерта се случи спектакл, а го направи балканската ѕвезда Здравко Чолиќ, кој во градот се врати по 50 години и направи концерт за паметење!
Крива Паланка беше место каде се слеваа луѓе, не само паланчани, туку и од многу други градови од државава, од Бугарија и Србија. Колони автомобили во попладневните часови почнаа да се слеваат од сите страни, а водеа до едно место, градскиот стадион, каде вчера и завчера се одржуваше Joy фест. Градските улици беа преполни со луѓе, беа направени пешачка зона, обиколницата беше преплавена од автомобили, а градскиот стадион како никогаш досега наполнет до последното место. Крива Паланка собра публика три пати повеќе отколку што има жители. Над 30.000 илјади распеани, кои ги пофали и самиот Чола на социјалните мрежи.
Но, и покрај толку многу народ организацијата беше беспрекорна, немаше никаков застој, се беше под конец, а за тоа добија пофалби и од самите изведувачи, кои исто така беа пријатно изненадени како функционира се како треба, а на крајот можеби и најважното- се се заврши без ниеден инцидент. Навистина Крива Паланка одржа лекции за беспрекорно организирање манифестации. И не само тоа, веќе следниот ден после толку многу луѓе се беше беспрекорно чисто, и стадионот, и градот.
Во неделата журката ја поча „Фјужн“, а по нив настапија ДНК, кои дојдоа да ги поддржат сите генерации, а по нив своите безвременски хитови ги отпеа Владо Георгиев.
Вчера, пак, фестивалот го отворија „Нокаут“, кои се заблагодарија на публиката за поддршката и , како што рече Пере, што ја сакаат македонската авторска музика.
И по „Нокаут“ почна три часовното лудило со безвременските хитови на Чола. Професионалец до крај, ја натера публиката да не престане да пее и игра. Неколку пати потенцираше дека е среќен што вчера е токму во Крива Паланка и заедно со сите да го прослави големиот христијански празник „Богородица“.
Насмеан, праќаше бакнежи во публиката, ја оставаше во хор да му ги пее песните. Чола уште еднаш покажа дека годините не му можат ништо… Дека половина век со ист интензитет ја држи публиката од сите генерации. А публиката му возврати со тоа што и по три часа не сакаше да го пушти да си оди и го враќаше на бис.
Но, како и да е концертот мораше да заврши, за да настапи диџеј Галоски, на задоволство на помладата генерација.
Лугето си заминуваа насмеани, среќни и полни со позитивна енергија. Си заминуваа со коментарите дека ваква убавина на Крива Паланка одамна не и се случила… Дека се радуваат што последниве години нивниот град се споменува само по убави вести…..