Сите 15 пријавени пливачи денеска во 10 часот влегоа во водите на Охридското Езеро кај Свети Наум, на стартот на 36-тиот меѓународен Охридски пливачки маратон.
Шестте пливачки и деветмината маратонци ќе треба да ги испливаат 25-те километри колку што е долга патеката „Климе Савин“, од Свети Наум до целта кај Градското пристаниште во Охрид.
Оваа година покрај нашите шест пливачи – Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски, Леонид Мишевски, Кристијан Стојановски, Ивана Неделковска и Јована Неделковска учествуваат и двајца пливачи од Аргентина – Ерика Јенсен и Матијас Дијаз, тројца од Италија – Елена Лионело, Марко Инглима и Алесио Окипинти, двајца од Турција – Туна Ердоган и Догкан Улач, како и Марсен Шоутен од Холандија и Каролин Жуис од Франција.
Моменталните временски услови се идеални за добра трка, водата на езерото е мирна со температура од 24 степени. Во такви услови на пливачите за да стигнат до целта ќе им бидат потребни околу четири до четири и пол часа, така што на целта ќе може да се очекуваат некаде по 15 часот.
Наградниот фонд за маратонот изнесува 12 илјади евра.
Во програмата на Охридскиот пливачки маратон е и младинската работилница на Програмата за развој на Обединетите нации и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ што започнува во 14 часот на Кеј Македонија.
Охридскиот пливачки маратон оваа година е дел од Фестивалот на вода, а се одржува во организација на Општина Охрид со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“.
МИА