Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се врати на платформата Х (Твитер), објавувајќи ја својата прва порака по повеќе од 2,5 години пауза.
Трамп објави фотографија со порака: „Мешање во изборите. Никогаш не се предавај!”.
Трамп го објави ова додека бил во својот приватен авион, враќајќи се од Атланта до неговата летна резиденција во Њу Џерси. Беше ослободен со кауција од 200.000 долари, откако помина 20 минути во затвор, јавуваат светските медиуми.
Трамп се предаде синоќа во затвор во округот Фултон, Џорџија, како дел од судењето против него за обид за кражба на резултатот од изборите во оваа сојузна држава по претседателските избори во 2020 година.
https://t.co/MlIKklPSJT pic.twitter.com/Mcbf2xozsY
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) August 25, 2023
Судијата и окружниот обвинител се согласија судењето да почне на 23 октомври во забрзан процес. Трамп пристигна со голема колона обезбедување од тајната служба, пријавувањето траеше 30 минути, бидејќи тој и обвинителите претходно неделава се договорија за кауција од 200,000 долари. Договорот вклучува забрана на Трамп да ги заплашува останатите обвинети од случајот вклучувајќи и на социјалните мрежи.
Во затворот му беше земена биометрија – отпечатоци од прстите и скенирање на очите и му направија полициска фотографија. Но и му доделија затворски број #P01135809. Округот Фултон ги објавува полициските фотографии, а судот во Атланта дозволува телевизиски пренос на судењата.
Се дознава дека тимот на Трамп планира да ја користи фотографијата во кампањски цели и реклама, а во рамки на трката за претседателски кандидат од републиканците во која Трамп е лидер.
Пред да се качи на авионот за да отпатува назад во Њу Џерси експретседателот на САД даде изјава за новинарите.
-Не направивме ништо погрешно. Ова е мошне тажен ден за Америка, изјави тој.
„Треба да можеш да ги предизвикаш изборите. Мислeв дека изборите беа наместени, украдени. И имав право на тоа“, додаде тој.
Трамп досега е апсен четири пати по вкупно 91 обвинение. Тој ја испишува историјата на САД бидејќи ниту еден поранешен или актуелен американски претседател досега не бил апсен, дали од федерални или од државни власти.