Откако новинарите на ИРЛ го објавија тонскиот запис од судењата за пожарот на модуларната болница во Тетово, каде може да се слушне дека обвинителите бараат да не се сослуша германскиот вештак со образложение оти тоа вештачење е беспредметно реагираше Јавното обвинителство.
Во објавениот тонски запис може да се слушне дека одбраната бара да се повика носителот на германското вештачење, меѓутоа, тоа не го прифаќаат обвинителите, според кои тоа е беспредметно и обид за одолговлекување на процесот. ИРЛ пишува дека наодите на форензичарите од германската полиција не се презентираа ниту во судската постапка, вештачење што едно од клучните, покрај она на вештакот, кое што ги посочува причинско – последичните врски на пожарот и неговото брзо ширење.
„Германските вештаци се експлицитни во заклучоците дека материјалите и самата градба биле проблематична и овозможиле брзо ширење на пожарот. Тие посочуваат дека присуството на големата количина на кислород во комбинација со полиуретанот или пур-панелите од кои била изградена. Потоа, фактот дека во болницата немало противпожарни прегради кои би спречиле понатамошно проширување на огнот, или во најмала рака би го отежнувале ширењето, што пред се е и законска обврска да бидат вградени согласно стандардите за безбедност. И на крај, како причина е посочена и отворената конструкција на градбата во поткровјето каде штетниот гас можел непречено да се меша со кислородот и да се прошири насекаде за многу брзо време. Ова е и причината за како болницата согоре до темел за толку кратко време. Обвинителите не дозволуваа прашања за причините кои довеле до брзото ширење на пожарот на ниту едно од рочиштата, бидејќи тие околности не биле предмет на обвинението. Судијата Јордан Велковски ги прифати сите приговори, бидејќи како што неколку пати нагласи дека судењето е за други кривични дела, односно непостапување по здравствени прописи“, пишува ИРЛ.
Реагираше Обвинителството со соопштение, во кои вели дека објавената аудио снимка најдобро покажува дека е лажен ставот на ИРЛ дека „Обвинителството ја прикрило експертизата од германските стручни лица, врз кој став натаму ги темелат и другите лажни информации за пожарот во модуларната болница“.
„Снимката недвосмислено потврдува дека за обвинителството вештиот наод од германските криминалисти бил важен доказ кој обвинителите го предложиле и го извеле во постапката пред судот. Во текот на главната расправа, одбраната даде предлог, покрај писменото вештачење, лично да се сослуша и вештото лице од Германија кое го изготвило писмениот наод – доказ во постапката. По тој предлог на обвинетите се произнел и јавниот обвинител. Вештачењето на германските експерти беше изготвено по замолница од Јавното обвинителство, кое го предложи и го изведе како писмен доказ. Потврда за ова се и завршните зборови на јавниот обвинител во кои тој својот случај го темели и на ова вештачење во корелација со сите други прибавени докази во постапката, пишува Обвинителството во реакцијата.
Новообјавените информации на ИРЛ за истрагата и судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде изгореа 14 луѓе, предизвика реакции од неколку институции, вклучително и од Обвинителството, беше организиран протест, а вчера оставка од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески побара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.