Над дваесетина граѓански здруженија, неформални групи и иницијативи, три политички партии и еден институт застанаа зад Коалицијата за заштита на детето, која силно се противи на законските измени на Законот за родова еднаквост и Законот на матична евиденција. Кампањата против законите се базира на филмот на ултрадесничарот Мет Волш „Што е жена“ чии проекции често го следат јавни дебати со ставови дека државата е нападната, додека децата се во опасност.
Ставовите на Коалицијата се поддржани од претставници на верските заедници, за во југоисточниот дел од државата кон борбата против „редефинирање на државата“, како што истакнуваат, се придружија и неколку општини, кои усвоија дефиниции за тоа што е маж, а што жена, а наместо родова еднаквост, усвоија терминологија „еднакви можности меѓу мажите и жените“.
Собирите со јавни дебати по градовите и проекција на документарниот филм „Што е жена?“ на ултрадесничарскиот болгер и активист Мет Волш се организирани од, до пред некој месец непознатата, Коалиција за заштита на детето. Пренесувајќи приказни од светот со сведоштво за наводно насилна и несвесна промена на полот кај децата и младите, Коалицијата алармира дека доколку се усвојат овие закони истото ќе се случи и кај нас, а невладините организации што се занимаваат со заштита на родовите и основните права на човекот, „се обидуваат на сите нас да ни го променат нашиот пол“.
Во еден од ставовите на Коалицијата во писмото до пратениците, се бара повлекување на законите, бидејќи како што тврдат, „се врши директна злоупотреба на правата на жените и загрозување на безбедноста на девојчињата, бидејќи правното менување на пол само со изјава на нотар би овозможило инфилтрирање на мажи со криминална историја во интимните женски простори (болнички соби, старски домови, бањи, јавни тоалети, спортски соблекувални и сл.) и би предизвикало драстично зголемување на стапката на сексуални напади“.
Предлог Законот за матична евиденција беше повлечен од процедура по втор пат (првпат во март 2022 година), за во јуни повторно да се врати во Собранието, додека активното делување на Коалицијата, ги остави граѓаните во информациски хаос.
Која е Коалицијата за заштита на детето?
Коалиција за заштита на децата, претставена како партнерство на граѓански организации и здруженија со 32 субјекти, од кои и три политички партии, стана позната низ македонските градови по прикажувањето на документарниот филм „Што е жена?“ на ултрадесничарскиот блогер и активист Мет Волш. Лицето на оваа Коалиција е Гордана Гоџо, активист против вакцините и една од најгласните говорници на антиковид протестите изминатите две години на пандемијата.
Коалицијата е присутна на интернет страната zadecata.org, додека на Фејсбук е позната како Коалиција за заштита на децата. Наративот по ништо не се разликува од сродните движења во регионот и пошироко.
Тезата е дека децата и семејството се загрозени со давањето права на транссродови лица и ЛГБТИ+ заедницата, додека воведувањето на сексуалното образование во училиштата ја протнува идејата дека „има безброј пола/рода (не само машки и женски) и тие може да се менуваат“. Коалицијата повикува на потпишување на петиција со која како што пишува на сајтот, сака да се спротивстави на „сеопфатното сексуално образование (ССО) е предложено и туркано од страна на оние ЛГБТИ+ невладини организации, особено од ХЕРА“.
Кој е во Коалицијата за заштита на децата?
Дваесетина здруженија на граѓани, три политички партии, еден институт и повеќе неформални иницијативи и Фејсбук групи се обединети во Коалицијата за заштита на децата. Од неформалните иницијативи и Фејсбук групи се и „ДОДОМА“ Движење за организирана духовна обнова на Македонија, „Ние сме Македонци“ на протојереј Ивица Тодоров, Преземи Одговорност движењето именувано по протестот на МПЦ – ОА од 29 јуни. На сајтот на Коалицијата споделени се имињата и логоата на повеќе активни , формални и неформални здруженија на граѓани, меѓу кои: Здружение на граѓани за заштита на човекови права „Од нас за нас“ – Скопје; Здружение за негување на православни вредности – Тетово; Фондација „Елеуса“ – Струмица; Асоцијација “Либрис плус” (Либрис+)
Асоцијација за унапредување на воспитно – образовниот систем и заштита на правата на децата и младите во образованието; „Комунитас“ – Здружение за развој на културни интереси; ЗГ „Православни вредности “; „Лидија – Срце што чука“ е центар за едукација; ЗГ „Заедно можеме“ – Гостивар; Здружение на самохрани родители Надеж Мит 2012 – Неготино; Здружение на граѓани „Преродба“; Здружение за слобода и правда – Струмица; Хуманитарно здружение Умиление – Виница; Здружение „Емоционално здраво детство“ – Скопје, ЗГ „Јавор“ – Зрновци, ЗГ „Сплотени срца“ – Штип и ЗГ „Дечиња мечиња“ – Скопје.
Патот на дезинформациите
Во Коалицијата се и партиите Интегра, МААК и проруската Родина Македонија. Во составот е и Институтот Интегра, чија претседател е Љупчо Ристовски, кој во исто време е и лидер на партијата Интегра. Името на Ристовски се јавува во уште една членка на Коалицијата – „Мараната“
Македонска христијанска евангелска мисија
Меѓу основачите и донаторите на партијата Родина Македонија, можат да се сретнат и основачи и активисти во здруженијата кои се дел од Коалицијата. На листата од петнаесетина донатори на Родина Македонија за време на Локалните избори 2021 година се и Гордана Гоџо и Младенчо Трајковски, кои се основачи на Здружението „Од нас за нас“. Гоџо е и еден од основачите на партијата и дел од Претседателството на Родина Македонија.
годишен извештај за донации на партијата Родина Македонија за Локалните избори 2021
Испреплетени се и неформалните иницијативи и Фејсбук заедниците, чии модератори се во исто време и основачи на некои од здруженијата во Коалицијата. Така на пример групата „Да го зачуваме бракот и семејството со 4,500 членови ја модерираат тројца модератори, од кои и Даниела Јорданова, која напишала за себе дека работи во Здружението Лидија – Срце што чука, кое исто така е дел од Коалицијата. Фејсбук групата Учебници и настава мора да има! Libra dhe mësim patjetër të ketë! со 78.400 членови е застапена и преку Здружението „Либрис плус“. Пробиштипјанката Даниела Георгиевски, која е и еден од основачите на здружението „Либрис плус“, во групата „Учебници и настава мора да има!“ споделува стравување за најавените законски промени, повикувајќи се на странски искуства.
,,…Воопшто не се работи за тоа дали возрасните трансродовите лица треба да ги имаат истите права како и останатите граѓани. Ако ги следиме законските измени во западните земји, јасно е каде нѐ водат. Имено, се работи за постепено воведување на категорија Трансродови деца. Се дозволува менување на пол на дете од 16 години и примање на хормонска терапија без дозвола од страна на родител. Новиот Бог е училиштето. А ова монструозно дело веќе функционира во Калифорнија“(Фејсбук објава).
Заедничко на дел од овие активисти, групи и иницијативи е што често споделуваат морбидни приказни, предупредувања, светски искуства и ставови, кои потоа дел од тоа е проверено и верификувано како дезинформации од страна домашните и странските проверувачи на факти.
Филмот на Мет Волш, според Гордана Гоџо, им послужил да ги поттикнат луѓето да разговараат на темата, да разменат мислења за реалноста што ја опишува документарецот. Всушност, јавните дебати во Струмица на фондацијата „Елеуса“, како што вели Гоџо, го зголемиле интересот.
– Долго време пишуваме на оваа тема, веќе три години, но дури откако почнаа јавните дебати во Струмица на „Елеуса“ фондација медиумите се заинтересираа. Дојдовме до идеја да го прикажеме филмот на Мет Волш, кој пластично ја објаснува реалноста доколку бидат донесени двата спорни закони. Она што ќе го живееме, е многу добро прикажано во филмот, изјави Гоџо.
„Што е жена?“
Документарецот на Мет Волш „Што е жена“ е продуциран од The Daily Wire, нов десничарски медиум кој сѐ повеќе инвестира во сопствената филмска продукција. Во филмот Волш оди од соговорник до соговорник со прашањето :„Што е жена?“. Никој од соговорниците не може да одговори на тоа прашање, што потоа ја продлабочува дискусијата во насока на актуелните трансродови и транссексуални трендови во САД.
„На Мајклмуровски начин, тој користи постоечки видео-материјали во кои радосно се слават транс-трендовите и ги става во контекст на брутални и многу ризични медицински процедури кои се спроведуваат за време на промената на полот, и на тој начин ја застапува тезата дека прашањето за промена на полот стана мода и барем делумно не е само резултат на социјални и медиумски трендови туку состојба на раздор помеѓу духот и телото. Конечно, тој зема две драстични форми на медицинска и социјална интервенција како парадигматични – промена на полот кај децата во развој, односно учество на трансродови спортисти во женски категории во кои природно доминираат машките тела“, пишува во една од критиките за филмот.
Мет Волш стана познат на пошироката американска јавност како конзервативен политички блогер во Дејли Вајр (Daily Wier), водител и автор на The Matt Walsh Show а во 2022 од The New Republic го доби признанието за трансфоб на годината. Волш има 37 години и со сопругата Алиса со која е 12 години во брак, има шест деца. Во своите настапи, Волш често повикува против транс групите и практиките, при што во една од своите објави на Дејли Вајр ја демонизираше Детската болница во Бостон со лажни тврдења за нејзината програма за грижа за потврдување на полот. Болницата, како што пишуваа медиумите, добила закана со бомба , неколку дена откако пријавила „голем обем“ на вознемирувачки е-пошта и телефонски повици со закана за насилство кон нејзиниот персонал во пресрет на екстремно десничарските влијателни и анти-транс активисти.
Случај Југоисток
Филмот „Што е жена“ во Струмица на пример, ги обедини локалната власт и опозицијата, верските заедници и граѓанските организации, а на јавните дебати поканети беа и јавни личности од повеќе области, кои се популарни меѓу граѓаните. На прикажувањето на филмот во салата на Домот на културата во првиот ред на проекцијата седнаа градоначалниците на Струмица, Ново Село, Василево и Босилово, Костадин Костадинов, Ѓорге Божинов, Славе Андонов и Ристо Манчев, Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков, претставници од Католичката црква, од Евангелската црква и на Евангелско- методистичката црква, советници и пратеници.
градоначалниците од неколку општини од Југоисточниот регион на премиерата на филмот „Што е жена“
Зад овие движења, со својот став и авторитет застана владиката Јаков Стобиски, заменикот на првиот човек на Струмичката епархија, владиката Наум, која делува и преку Фондацијата „Елеуса“. Струмичани го опишуваат како духовник, кој постојано е меѓу народот, во добро и лошо, со што ги придобил симпатиите на граѓаните. Како што објаснуваат, проблематичните делови за црквата на споменатите два закони, почнал да ги изнесува многу порано уште пред да почнат јавните расправи што ги организираат владините институции, со што го свртел јавното мислење кон црковните поенти.
Затоа не случајно, првите општини, каде се смени и терминологијата во општинските документи од „родова рамноправност“ во „права меѓу мажите и жените“ се Струмица, Ново Село, и Гевгелија, а кон крајот на јули на овој список на општини се придружија и општините Дојран и Василево. Идентична одлука без расправа донесе и Советот на Општина Охрид на седницата на 28 јули.
извадок од Одлуката на Советот на Општина Гевгелија за преименување на програмата
Има ли манипулација со терминологијата?
Советот на општина Ново Село, која беше меѓу првите општини што ја измени терминологијата, одлуката ја донесе по предлог на градоначалникот Ѓорѓе Божинов од ВМРО ДПМНЕ. Програмата за родова еднаквост се преименува во Програма за еднакви можности меѓу мажите и жените, додека беше додадена и точна дефиниција што е маж а што жена.
Градоначалникот Божинов објасни дека со ова упатуваат порака и до државата и до граѓаните со ова сакаат да ги „заштитат правата на жените да ја избегнат манипулацијата со род и пол“.
Божинов и со јавен повик преку видео порака споделена од Коалицијата за заштита на детето, отворено застана зад протестот што го организираше МПЦ – ОА.
Неговиот партиски колега Славе Андонов, градоначалник на Василево пак е дел од јавната кампања на Коалицијата за заштита на детето и во визуелизирана порака со логото на оваа Коалиција, ги повика пратениците во Собранието да не усвојат Предлог-законот за матична евиденција. По донесувањето на одлуката на Советот на општина Василево, против која гласаа советниците од СДСМ, а со мнозинство гласови од ВМРО ДПМНЕ и советникот од Демократската партија на Турците, Андонов на Фејсбук го објасни мотивот.
„Промените во акциониот план ги правиме бидејќи добив повеќе пораки од загрижени граѓани за тоа што значи родова еднаквост. Потребата се јави од новите предлог дефиниции во предлог закон кој родот го разликуваат од полот, а досега ние под родова еднаквост подразбираме еднаквост помеѓу мажите и жените. Со новите текови во светот род и пол е различно, што не е случај во моменталното законодавство во државата, а со предлог законот оваа заблуда се јави меѓу населението“, напиша Андонов.
Во општина Струмица, каде градоначалник е Костадин Костадинов од СДСМ, беше донесена одлука за замена на терминологијата во Стратегијата за млади, каде „родова еднаквост“ се заменува со „еднакви можности меѓу мажите и жените“.
Во подолгата расправа што е водеше во Советот на Општина Гевгелија, советничката Елена Хаџи-Николова, доктор по професија, рече дека проблем е што минорна група создава проблеми и почнува да раѓа регулативи и закони.
-Ова е Пандорина кутија на патологија од најдолен можен вид, што доколку ја отвориме ќе изврши директен напад на основата на нашата реалност. Тиранија на малцинството на сметка на мнозинството, кажа Хаџи – Николова.
Дали навистина се отвора Пандорината кутија и како се читаат предлог Законите за родова еднаквост и за Матична евиденција, во следното продолжение.
В.К
В. Ми
Овој текст е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.