– Начинот на живот е важен сегмент во превенцијата на секоја болест. Здравиот избор кога станува збор за исхрана, вежбање, избегнување на канцерогени супстанции и намалување на стресот може ефикасно да го намалат ризикот од развој на тумор на мозок – вели за МИА доктор Висар Мифтари, медицински директор на ЈЗУ УК Неврологија во Скопје.
– Од голема важност е свесноста за сопствениот ризик. Одредени фактори можат да го зголемат ризикот, познавањето на овие фактори може да помогне навреме да се идентификува ризикот и потенцијалните симптоми, за да може навреме да се прегледа лицето. Главните фактори за тумор на мозок вклучуваат возраст, изложеност на зрачење, фамилијарна историја на тумор на мозок и моментално постоење на рак, кој може да метастазира во мозокот од друг орган. Ризикот се зголемува со возраста. Јадењето многу овошје и зеленчук и намалувањето на холестеролот преку ограничување на масна храна, може да помогне во превенцијата, појасни Мифтари по повод Осми јуни – Светскиот ден на тумор на мозок.
Според последните податоци на ИЈЗ, истакна тој, бројот на заболени во нашата земја е во опаѓање.
– Во 2019 година, со дијагнози според МКБ10 С69-С72, биле лекувани вкупно 609 лица, во 2020 година бројката бележи благ раст, односно лекувани биле 713 лица. Во 2021 година, според ИЈЗ, доаѓа буквално до преполовување на бројката и лекувани биле 355 лица. Од овие 64,5 проценти или 229 лица биле од машки пол, а 35,5 отсто или 126 биле жени, што значи дека мажите речиси двапати повеќе заоблувале во однос на жените. Важно е да се напомене дека морталитетот кај овие неоплазми е далеку помал во однос на другите, информација која најверојатно се должи на малата бројка на дијагностицирани, рече Мифтари.
Докторот објаснува дека постојат повеќе видови на тумор на мозок, а меѓу најчестите се метастатските со најчест примарен тумор на бели дробови, менингиом кој е всушност тумор на обвивките на мозокот, глиом, глиобластом кој е всушност најчест примарен тумор на мозокот.
Најчести симптоми се главоболка, нејасен настап на губиток на свест, постојано чувство на гадење, повраќање и поспаност, ментални или промени во однесувањето, како што се проблеми со помнењето или промени во личноста, прогресивна слабост или парализа на едната страна на телото, проблеми со видот и често се поврзани со локацијата на самата туморска формација.
– На нашата клиника, вкупно лекувани за 2019 е едно лице, 2021 се лекувале три лица, 2022 се лекувале четири лица, а досега во 2023 година, само едно лице со две последователни хоспитализации. Најмладиот пациент кој се лекувал на нашата клиника е роден 1988 година. Бројот на овие пациенти е мал бидејќи третманот на туморите е најчесто хируршки, а кај некои лица се користи и радиотерапија, истакна Мифтари во изјава за МИА.
Според него, не постои начин да се спречи појавата на тумор.
– Луѓето со зголемен ризик може да направат скрининг тестови, но, скринингот не е превенција. Доколку постои фамилијарна историја на тумор на мозок или други наследни синдроми што го зголемуваат ризикот за појава на истиот, може да се направи невролошки преглед и да се тестира видот, слухот, рамнотежата, координацијата и рефлексите, но, не е задолжително, напомена Мифтари.
За повеќе информации за тумор на мозок, МИА се обрати и до Институтот за јавно здравје.