Пестициди и тешки метали се детектирани во овошјето и зеленчукот кои се увезени во Македонија, „загрижен“ граѓанин на социјалните мрежи ја објави информацијата што предизвика паника меѓу граѓаните, коишто на големо ја споделуваа информацијата. Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш демантираше, а директорот Бабовски на прес-конференција појасни – да, имало детектирано такви елементи, но дека тие се во рамките на дозволеното и дека некој помешал што е МИЛИГРАМИ и МИКРОГРАМИ.
„Ширењето на лажни вести и предизвикување паника и тревога меѓу граѓаните е кривично дело. Сите овие резултати коишто се однесуваат конкретно на присуство на тешки метали, сите се негативни. Не знам која беше поентата и целта кај граѓаните да се шири паника со негативни резултати. По се’ изгледа при брифирањето, некој некого излажал. Ако ги погледнете резултатите, ќе видите дека некој помешал МИКРОГРАМ и МИЛИГРАМ. Сите се во рамките на дозволените количини и испитувањата се направени од ДФЛ и од таму ни е потврдено, а и резултатите се јавни, дека се негативни“, појасни директорот на АХВ, Никола Бабовски.
Со истите обвинувања на прес-конференција излезе и ВМРО-ДПМНЕ.
„Пестициди и тешки метали се детектирани во овошјето и зеленчукот кои се увезени во Македонија. Тоа недвосмислено го потврдуваат анализите кои ги презентирав на јавноста!
„Додека Бабовски и останатите околу него сакаат да ја замајат јавноста од детектираните присуства на резидуи од пестициди во храната од неживотинско потекло, добро е Бабовски да го посоветуваат околу наодите од тестирања и начинот на прикажување во истите. Имено, од Правилникот за општите барања за безбедност на храната во однос на максималните нивоа на одделни контаминенти може да се види дека максималното ниво на контаминенти – метали е дадено само за олово и кадмиум изразено во mg/kg водена тежина). Зошто ДФЛ се повикува на максимално дозволено ниво на тешки метали и анекс на правилник кој не е на сила и истиот е објавен во Службен весник на РСМ бр. 227/2021?,“, кажа Цветан Трифуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на изнесените резултати од граѓанин, кој самиот побарал и платил анализа на увезени домати, во кои е потврдено присуство на пестициди, директорот на АХВ потврди дека се точни, но рече дека е погрешна постапката на кој е направена анализата.
„Во таа анализа резидуум на пестициди се најдени. Податоците се точни, но начинот е незаконски на кој што е однесен примерокот. Требало граѓанинот да си поднесе претставка и инспектор по службена должност тој примерок ќе го однесе во лабораторија на анализа и на тој начин добиваме валиден резултат. Во случајов не можеме да знаеме што се случувало од пазарот до лабораторијата. Претставката се поднесува до Одделението за заштита на потрошувачите на АХВ и се однесува за благосoстојбата на граѓаните, изјави Бабовски.
Како институција, во голем дел насочена и кон заштита на правата на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство во 2007 година воспостави Одделение за заштита на потрошувачи . Според објавата на сајтот на АХВ, потрошувачите за прашања поврзани со безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните, покрај лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk, претставка до АХВ можат да поднесат и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22.
За побрзо известување по однос на тоа како е постапено по претставката, потребно е подносителот да достави податоци за себе (име, презиме и адреса на живеење). Во претставката подносителот треба да ги наведе податоците за субјектот (име, презиме и адреса на живеење), прецизно да ги опише наводите во неа и да ја достави потребната документација во прилог.
По поднесувањето на претставките од страна на граѓаните, постапката је преземаат инспекторите на АХВ
„Нашиот инспектор по службена должност посочениот примерок, во зависност од тоа за што станува збор, го носи на испитување и тогаш добиените информации се правно-валиден резултат. Во АХВ се работи по две програми, за храна од домашно потекло и за храна која што е увезува. Според последниот пример што го имавме на увоз на овошје, портокали од Египет, испитувањата дадоа позитивни резултати на пестициди. Не е дозволено воопшто да влезат во промет во државата. Тие се под надзор и одговорните имаат право и на втора контрола, а додека се сомневаат и во таа втора контрола да одат и на супер контрола. Откако ќе добиеме точни резултати, тогаш пратката и сите такви пратки или одат на нештетно уништување, на депонија или доколку земјата извозник се согласи, тогаш пратката се враќа назад од јаде што се увезува. Мора да се знае дека дека тие пратки не завршуваат на домашниот пазар. Во одредени случаи кога ќе се најдат позитивни резултати во внатрешниот промет, ние имаме начин, предвиден со правилникот на следливост-од каде е производот, дали е домашен или е од извоз ?,“ образложи Бабовски.
Дали АХВ ќе поднесе кривична пријава за ширеше на лажни вести, раководството ќе реши во наредните денови. Во секој случај ќе мора да се преземе нешто, кажа Бабовски. Додава дека за него и за АХВ , извинувањето не би значело ништо, за овие лажни вести треба да се упати извинување на граѓаните.