Со „Бетовен тио“ на Војниот оркестар од пред неговиот дом до вечното почивалиште денес беше испратен кралот на ромската музика Ферус Мустафов.
Солзи и лелеци од неговите најблиски, многу роднини, пријатели и соседи беа собани пред домот на кралот, од каде поворката со неговите посмртни останки тргна кон џамија, па на гробиштата во Камник, во Скопје.
Тажна беше гледката, кралот веќе го нема, го нема негвоиот насмеан лик и секогаш расположен да засвири, а требаше уште многу да даде од себе. И беше подготвен на тоа, бидејќи смртта го спречи да биде дел од многу настани, кои веќе биле закажани се докрајот на годинава. Но, до тука било пишано, велеа многу кои дојдоа да му оддадат последна почит.
Многу негови колеги музичари, пејачи и пејачки дојдоа да го испратат, иако, како што коментираа не го испочитуваа сите, а немаше кому не му пружи рака, кому не му помогна, на кого се не му свиреше на нова песна.
-Многу ми е жал, Ферус на кого се не му се нашол, на кого се не му помогнал. Прерано замина, требаше уште да свири, да не весели, рече Сузана Гавазова.
Нејзиното мислење го делеа сите присутни, кои до последен момент се надевале и се молеле да ја победи болеста и повторно да го земе саксофонот во рака.
-За него немаше ден или ноќ, или да рече дека е уморен. Никако. Во секој момент беше расположен да свири. Беше маестро, талент даден од Господ. И душа од човек, таков еднаш се раѓа, велеа дел од присутните.
Се зборуваше и ќе се зборува и за неговите добри дела и за неговата музика. Тој остави зад себе за да никогаш не биде заборавен. Со саксофонот го заобиколи светот. На многу настапи ширум планетата беше дочекуван како вистински крал, бидејќи негвиот талент беше познат надалеку. Нема ѕвезда со која не соработувал, а пејачите за секоја нова песна се натпреваруваа за да соработуваат со него.
Ова веќе се само спомени, а спомените никогаш не умираат. Вечно ќе се памети неговиот лик и дело, неговиот насмеан лик, секогаш расположен за шега.
И навистина, таквите луѓе никогаш не умираат… Споменот за кралот Ферчо секогаш ќе се памети…
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски