Сметката на Град Скопје не е блокирана, ниту пак во овој момент е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата, одговорија од Град Скопје на пишувањата дека финансиското работење на Градот е во целосна блокада.
-За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов. Ваквиот начин на работа на овие политичари, и нивните политички опции не само што го загрозува работењето на градот, како во случајов, туку 33 години ја става државата во должничко ропство. Повеќе од три децении граѓаните на Македонија отплаќаат долгови кои ги генерира секоја владејачка гарнитура, полнејќи ги сопствените приватни џебови со пари кој денес ги враќаат граѓаните, пишува во соопштението од Град Скопје.
Според медиските пишувања, се множат проблемите со финансиското работење, откако стигнале најави за долгорочни долгови, кои може брзо да бидат активирани, а завршени се и повеќе судски постапки на штета на Град Скопје.