По прогласувањето на крај на пандемијата со ковид – 19 од страна на Светската здравствена организација и Комисијата за заразни болести денеска препорача владата и Кризниот штаб да ги укинат мерките, а ние да влеземе во „живот по Ковид“. Болеста останува да се третира како и сите други респираторни болести, но дали како ќе се бележат новите случаи, во неделен или месечен извештај, дополнително ќе се одлучува. Ова по завршувањето на седницата на Комисија го изјави портпаролот д-р Злате Мехмедовиќ, кој рече дека последната недела бројот на заболени е рекордно низок – 66 и нема починати. Се работи за лесни случаи и нема пациенти на респиратор.
-Донесовме одлука Ковидот да го третираме како вообичаена заразна болест. Се укинуваат четирите мерки за задолжително носење маски во болниците, аптеките, јавниот превоз и во домовите за стари лица и лица со попречености. Сепак, поради позитивното искуство со заштитиа со маските во болници, ќе предложиме да се носат маски при посетите, или влегувањето за добивање на здравствена услуга, особено за лицата на 65 години и хронично болните, изјави д-р Мехмедовиќ.
Останува и препораката за вакцинирање, бидејќи како што рече Мехмедовиќ, колективниот имунитет е стекнат благодарение на оваа вакцина. Има вакцина на Фајзер од новите, двовалентни.
-Ова е премин од Ковид до процес на живеење со Ковид. Вирусот останува да живее меѓу нас и не значи дека укинувањето на мерките значи дека повеќе ќе го нема меѓу нас. Тоа значи дека и понатаму треба да внимаваме, кажа Мемедовиќ.
Останува препораките да ги усвои и Владата, со што укинувањето на мерките да се официјализира.
Од 3 јануари 2020 година до 3 мај во Македонија се регистрирани 348,142 случаи на Ковид и 9,673 починати според евиденцијата на СЗО. Администрирани се вкупно 1,862,732 дози на вакцина. Последниот смртен случај од Ковид – 19 е регистриран на 24 април годинава.