Партијата #Левица одлучно и со индигнација ја одбива поканата за учество во т.н. работните групи за најавената повторна насилна промена на Уставот!
-Ултиматумот на бугарските служби и агендата на Софиската платформа која ја поткрепува пробугарската власт на ДУИ и СДС, не ја прифаќаме и истата мора да биде остро одбиена од сите релевантни политички чинители на кои државните интереси им се од највисок приоритет. Спротиставувањето на ова потчинување пред соседните апетити претставува антифашистички чин, независно од сите лаги за европска извесност која квислиншката власт лажно ја ветува. Затоа, повеќе од било кога, потребна е одбрана на државата и македонските национални интереси. Во нивна одбрана Левица ако треба ќе застане и сама. Отварањето на Уставот е предавство, велат од Левица.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно денеска повтори дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
Од тгамуј велат дека по повикот што вчера повторно го упати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ до ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во процесот и во рамки на работната група да ги кажат ставовите Мицкоски рече дека повеќе нема да се занимава со тоа прашање.
-Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментиарат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени, рече Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Булачани.
Коментирајќи го отфрлањето од власта предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени според хрватскиот модел, Мицкоски рече дека иако за тој модел претходно зборувале премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи, претставници на меѓународната заедница, сега од Владата ретерираат.
-Свесни дека може да трпиме политичка штета излеговме во јавноста и кажавме во ред, го прифаќаме хрватскиот модел и истиот тој модел да го примениме за нашиот Устав, но сега од страна на Владата имаме ретерирање, односно чекор назад, рече Мицкоски.
Владејачките партии, како што рече, на следните парламентарни и претседателски избори, ќе доживеат дебакл, исто како на локалните.
-На следните парламентарни избори ќе изгубат најмалку 3 наспроти 1, рече Мицкоски, критикувајќи ги и теренските посети на СДСМ и на ДУИ.
Владата, премиерот Ковачевски и другите политичари од власта, од страна на граѓаните се оценети како што рече, „како лажливци и ќе бидат казнети на следните парламентарни и претседателски избори, како и да сакаат да ги организираат“.
– Ако мислат дури и да ги раздвојат бидејќи слушам дека имале таква намера, и едниот и другиот пат ќе бидат депласирани, рече Мицкоски.
Во групата за измени на Уставот се произнесе и Алтернатива.
– За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската Унија, изјави на денешната прес-конференција генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими.
Причината за ваквата одлука, како што посочи Ибрахими, е што за нив не може да има работни групи за изготвување или подготовка на уставните измени додека не се постигне политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на овие измени, преку кој мора да се отвори патот кон интеграција на државата во Европската Унија.
Тој вели дека неговата партија не може да седне на маса и да разговара на оваа тема со партиите кои се уште не се изјасниле за нејзиниот предлог за уставни измени за борба против корупцијата.
– Сè додека во судовите секојдневно се пријавуваат корупциски случаи кои пропаѓаат поради нивната застареност, додека владата и другите партии молчат за нашиот предлог за уставно санкционирање на нестатутарните случаи на политичка корупција, ние немаме обврска да одговориме до нивните покани да се сликаат и да се прават дека сме наводно за уставни измени, додаде Ибрахими.
Тој наведе дека со ова тие потсетуваат дека за Алтернативата, уставните измени немаат смисла доколку земјава, со посредни средства, продолжи да ја спонзорира политичката корупција.
– Ако некој сака да ја види Алтернативата како дел од овие дебати, прво треба да понуди реални можности за политички консензус и, второ, на дневен ред треба да се најде предлогот за уставни измени на Алтернативата за борба против политичката корупција, изјави Ибрахими.