Уште една успешно завршена мисија, како што ветивме, објави на својот Фејсбук профил Артан Груби, објавувајќи фотографии од новите двојазични полициски убиорми.
-Веќе се спроведуваат во пракса измените на Уредбата за употреба на албанскиот јазик во полициските униформи и нивните симболи кои ги усвоивме претходно на владина седница, напиша Груби.
ММС минатиот месец објави дека Владата на седницата на 16 јануари усвои измени на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата на Полицијата, со кои се воведува двојазичност во полициските униформи на локално ниво.
„POLICIA”, POLICIA E TRAFIKUT”, „POLICIA KUFITARE” се додадени на амблемите, но иако одлуката стапи во сила на 2 февруари, неизвесно беше кога ќе почне нивната примена.
Тогаш ММС се обрати до МВР, од каде добивме неодреден одговор, од кој не може да се разбере што точно ќе се случува со овој правилник.
„Правилникот ќе отпочне да се применува со денот на отпочнувањето на примената на Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 67/22), односно најдоцна од 26.03.2023 година. До Уставниот суд на РСМ поднесена е Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на наведената уредба, по која сè уште нема донесено решение/одлука Уставниот суд, одговорија од МВР.
Согласно Уредбата што неодамна ја донесе Владата двојазични амблеми ќе има само за службите на локално ниво, таму, каде што официјален јазик е и албанскиот. Амблемите, нагласи, нема да бидат двојазични за централните служби и единиците кои се на ниво на држава.
– Таму каде што на локално ниво се работи, значи за амблемите на униформа на локално ниво во градови каде што официјалниот јазик е албанскиот јазик. Значи, на централните служби кои се однесуваат за цела држава нема никаква промена да има во делот на униформите, сходно на тоа и на единицата „Тигар“ и на „Единицата за брза распределба, изјави неодамна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при усвојувањето на одредбите.
Уредбата произлегува од Законот за употреба на јазиците.