Оваа објава се повикува на напис од порталот DainikBidyaloy кој е од Бангладеш, во кој, пак, како извор на (дез)информацијата дека Путин наредил уништување на сите ковид вакцини во Русија, се цитира Real Raw News, кој е сатиричен сајт. Нема никакви докази дека Путин наредил такво нешто, ниту, пак, има официјална владина изјава за ова прашање. Напротив, Руското Министерство за здравство на 4 март објави дека ги надополнило резервите на Спутник V во делови од земјата каде што имало недостаток на вакцини. Дека станува збор за неточна информација оценија и повеќе странски сервиси за проверување факти
Oбјава на Фејсбук тврди дека рускиот претседател, Владимир Путин, наредил уништување на сите вакцини за ковид-19 во Русија. Ова не е точно. Напротив, Министерството за здравство неодамна испрати нови залихи на вакцини во регионите каде што се потрошиле.
Во постот се вели:
Владимир Путин нареди Уништување на сите вакцини за Ковид-19 во Русија
На оваа лажна објава која кружи на социјалните мрежи прикачен е напис на англиски јазик од порталот DainikBidyaloy кој е од Балнгладеш. Како извор на информацијата на овој напис се цитира Real Raw News сатиричен веб-сајт кој на 4 март 2023 година, објави текст со наслов: „Путин нареди уништување на сите вакцини „ковид-19“ во Русија“. Во написот се тврди дека рускиот претседател Владимир Путин наредил уништување на сите залихи на вакцини „ковид-19“ на руска почва, наведувајќи ја непобитната врска помеѓу она што е наречено „Московски Вакс“ и ненадејниот пораст на инфекции со ХИВ кај вакцинираните лица.
Но, овој напис е сатира и потекнува од извор кој се идентификува како веб-страница што „содржи хумор, пародија и сатира“.
Па, иако потекнува од сатиричен веб-сајт каде што се објавуваат измислени приказни, сепак, овој напис е преземан и од несатирични портали и се споделува како да е вистинит. Па, така, стигнал и до корисниците на социјални мрежи на македонски јазик кои што ја споделуваат оваа информација како да е вистинита.
При пребарувањата на Интернет, не најдовме никакви веродостојни извештаи, вести, изјави или други извори кои можат да ја потврдат вистинитоста на оваа објава. Нема никакви докази дека Путин наредил да се уништат сите вакцини за ковид-19, ниту пак, има официјална владина изјава за ова прашање.
Напротив, Руското Министерство за здравство на 4 март објави дека ги надополнило резервите на Спутник V, руската вакцина против ковид-19, во делови од земјата каде што имало недостаток на вакцини.
Според Риа Новости, руската државна новинска агенција, на московските клиники снемало залихи од првата доза од вакцината Спутник V која се прима во две дози.
На 5 март, еден ден по објавувањето на (дез)информацијата во која се тврди дека Путин ги уништува сите вакцини за ковид-19, руското Министерството за здравство на Телеграм објави дека неодамна испратило повеќе серии од вакцината Спутник V во Москва и другите региони кои пријавиле недостаток на залихи.
Залихи на вакцината „Спутник V“ се дистрибуирани од Министерството за здравство и веќе се испратени од добавувачот во градот Москва и во голем број други региони кои пријавиле намалување на залихите на вакцини, соопшти Министерството за здравство.
Министерството не прецизираше во кои други руски региони има недостаток на вакцини кои треба да се надополнат.
На социјалните мрежи сè повеќе зачестува споделувањето на сатирични вести како да се вистинити и реални. Корисниците, не ги читаат до крај информациите, ниту пак, прават основна проверка на факти на она што ќе го прочитаат пред да го споделат на нивните профили и да ги манипулираат оние коишто им се следбеници. Така, една сатирична вест, може да добие голема виралност да се прошири како да е вистинита и да измами многу луѓе, како што е примерот и со оваа објава.
Според сите наведени факти, може да заклучиме дека Путин не наредил да се уништат сите вакцини против ковид-19 во Русија. А, дека станува збор за неточна информација оценија и повеќе странски сервиси за проверување факти.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.