Алергиските заболувања се во пораст и тоа веќе добива загрижувачки размери во последната декада. Може да се каже дека во светски рамки, веќе постои епидемија на алергиски заболувања – алармира Илија Бузлевски, дипломиран нутриционист и магистер по квалитет и безбедност на храна.
Во интервју за ММС, тој објаснува дека алергијата претставува пречувствителност на некои супстанци, а одговорот на нашиот имунолошки систем кога тие супстанци ќе се внесат во организмот, е алергиска реакција. Во пресрет на пролетта, со Бузлевски разговараме за алергијата на полен која е карактеристична за овој период од годината, но и за тоа како преку храната да го зајакнеме имунитетот кој е наше „оружје“ за справување со алергиите.
„Поленовиот прав од растенијата претставува алерген во реакцијата на поленска алергија, кој ги надразнува дишните патишта – носот, грлото, очите и создава чувство на непријатност односно кашлање, кивање, осип, а кај некои и солзење. Продуктите коишто може да бидат причнител за појавата односно т.н засилено дејство на овие алергии се оние производи што во себе го содржат поленот, а тоа е пред сè медот. Поради тоа, личностите кои се алергични на полен треба да го избегнуваат овој производ“, советува м-р Бузлевски.
Абнормалната реакција на имунолошкиот систем кај одредени инхалирани или ингестирани супстанции во препознавањето како „страни тела” – алергени е причини за алергиска реакција на организмот, додава нутриционистот.
Здрав имунолошки систем како предуслов за да се одбраниме од заболувањата
Во однос на тоа дали од нашиот имунитет зависи какви симптоми ќе развиеме, тој објаснува дека здравиот имунолошки систем е предуслов за потенцијална одбранбена способност на човековиот организам од многу заболувања.
„Нашиот имунолошки систем е првиот т.н одбрамбен дел за тоа како организмот ќе се справи со алергиите, односно како ќе ги препознае и како ќе реагира на истите. Препораките генерално се однесуваат на зајакнување на имунитетот, чистење на организмот, конзумирање на храна богата со витамини и минерали – антиоксиданси и тоа свежо овошје и зеленчук, мешункасти растенија, храна богата со протеини, но и чести прошетки на сонце и така натаму“, нагласува Бузлевски.
Објаснувајќи како да го зајакнеме имунитетот по зимскиот период кој се карактеризира со чести настинки, Бузлевски вели дека пролетта е период во кој кај извесен дел од луѓето се среќава летаргија и таканаречениот пролетен замор. Ова според него, се должи на фактот што во зимските месеци храната е посиромашна со витамини и минерали, а при тоа сме помалку изложени на сончеви зраци, на помал број прошетки во природа со што луѓето се во една „зимска пасивност“.
„Пролетното мени треба да изобилува со свежа и здрава непроцесирана храна, богата со минерали, витамини, антиоксиданси со незаситени масни киселини. Потоа, се препорачуваат и прошетки на чист воздух, но покрај сето наведено, исто така и позитивниот поглед кон животот е вистински рецепт за подобрување на имунолошкиот статус, а преку него и здравјето на човекот“, потенцира нашиот соговорник.
Покрај храната, тој вели дека кај одредена популација неизбежен е и внесот на суплементи, но ова не е неопходно кај сите.
„Според моето досегашно искуство, лабараториско-биохемиските анализи се всушност најдобар показател дали треба или не треба да се додава и суплементарна терапија покрај правилната исхрана“, објаснува тој.
Симптомите се слични, но алергија и интолеранција на храна не е исто
Навраќајќи се повторно на алергиите, тој вели дека нутритивните алергии сочинуваат и до 40 % од сите алергии кај човекот. Од исклучителна важност е да се идентификуваат причинителите односно хранливите продукти кои делуваат како алергени и се причинители за таа алергија, но не само тие туку и сите хранливи продукти сродни по квалитативен состав.
„Токму поради тоа нашите програми коишто ги изработуваме за овие алергии, а со цел подигнување на имунолошкиот систем се индивидуални изработени за секој поединец. Можам да кажам дека имаме одлични резултати во справувањето со овие алергии“, вели нутриционистот.
Поконкретно, тој објаснува дека алергијата на храна е реакција на имунолошкиот систем што се случува веднаш по јадење одредена храна.
„Дури и мала количина храна што предизвикува алергија може да предизвика знаци и симптоми како што се проблеми со дигестивниот систем, уртикарија или оток на дишните патишта. Кај некои луѓе алергијата на храна може да предизвика сериозни симптоми или дури и опасни за живот реакции познати како анафилакса“, предупредува Бузлевски.
При тоа, тој ја објаснува и разликата меѓу алергијата и интолеранција на храна:
„Алергија на храна или хиперсензитивитет е абнормална реакција која е поттикната од страна на имуниот систем, додека имуниот систем има мала одговорност за симптомите кои се јавуваат во случаи на интолеранција на храна, иако во одредени случаи симптоматологијата наликува една на друга. На пример, да се биде алергичен на млеко е тотално различно од состојбата кога организмот не е во состојба да го дигестира млекото правилно поради интолеранција на лактоза“.
За крај, Бузлевски апелира дека од исклучителна важност за луѓето кои имаат вистинска алергија на храна, да се идентификуваат и да се превенираат алергиските реакции.
Истите можат да бидат причина за разорувачки болести, а во одредени случаи знаат да бидат и фатални, заклучува м-р Бузлевски.
Вања Мицевска