Фирми блиски на семејството на градоначалник Благој Бочварски го добиваат најголемиот колач на тендерите на штипските локални институции, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Доставувач на храна во неколку општински институции во документите достапни до јавноста стои фирмата на неговиот чичко, а во периодот од од 2017 до 2019 , неговата семејна фирма Пелагонија –Инженеринг ДОО Штип , добила вкупно 12 тендери од ЈП Стипион .
Бочварски вели дека е апсолутно чист пред јавноста а ако има прекршување тука е Антикорупциска та комисија да го докаже или отфли тоа. И додека едните бараат етичка и морална одговорност а други се фалат со неа, антикорупционерите со став- не може да се обвинува никој додека не се утврдат сите факти.
Тргување со економските текови и рушење на позициите на пазарната економија, тоа се случува во штипската локална економија во последните две години откако на чело на општина Штип е градоначалникот Благој Бочварски, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов. Неговата партија деновиве излезе со информацијата дека доставувач на колективна храна во неколку општински институции е фирмата на неговиот чичко. Со документите што ги презентираа обвинуваат дека во 2018 и 2019 година, фирмата добила 10 тендери и на овој начин успеала да инкасира 5 милиони денари.Најавија и пријава до Антикорупциска.
,,Можеби законска пречка или законска рамка во работењето на одредени правни субјекти на територијата на општина Штип нема, односно се исполнети сите законски нормативи но верувајте дека овде има една морална пречка, морална и етичка одговорност која што допира до сите нас. Она што можеме да констатираме е дека во неколку сектори во економијата се влијае на економските текови, односно одредени фирми блиски до градоначалникот имаат привилегирани услови и имаат можност да работат повеќе од останатите. За тоа постојат и јавно достапни документи “, вели Јорданов.
Јавно достапните документи велат дека семејната фирма на градоначалникот Благој Бочварски Пелагонија –Инженеринг ДОО Штип во периодот од 2017 до 2019 добила 12 тендери од Ј.П Стипион 2011. Вкупната вредност на тендерите изнесува 6.7 милиони денари или 109.371 евро. Поголем дел од тендерите се однесува на услуги на користење на градежни машини (24.369 евра), набавки на услуги на градежни машини (19.407 евра) а тука се и набавки на дробен камен (51.229 евра) градежен материјал (12.796 евра) и работа со машина за валирање (1570евра).
Дека во обој период е зголемен бројот на добиени тендери зборува и фактор што за период од 2010 до 2017 оваа фирма од Ј.П Стипион 2011 има добиено само 4 тендери, два во 2013 и два во 2014 во вкупна вредност од околу 2 милион денари.
,,Фирмата Пелагонија –Инженеринг ДОО Штип е фирма на моето потесно и пошироко семсјство и оваа фирма е повеќе од 20 години присутна на пазарот“ , вели штипскиот градоначалник.
„Компанијата функционира и работи во општината , но таа компанија нема учествувано досега на ниту еден тендер на општина Штип каде што јас сум потписник иако јас имам и заменик градоначалник кој што при судир на интереси по законот треба да ги потпишува таквите договори. Јас сум за тоа и така ќе остане до крајот на мојот мандат, оваа компанија нема да учествува на ниту еден тендер, ниту ќе добие работи од општина Штип. Што се однесува до другите субјекти апсолутно има право секаде да учествува, на секое друго претпријатие или во друга општина зошто сепак сакаме сите да бидат рамноправни на пазарот на трудот и поради тоа не е коректно некои фирми да бидат над останатите. Оваа фирма си има менаџерски тим, тука работат луѓе и тие треба да земат плата.“, вели Бочварски.
Според него доколку има некои прекршувања има Антикорупциска комисија која што како независна институција може да провери , дали има корупција т.е судар на интереси.
Првата Антикорупционерка, Билјана Ивановска вели дека се очекува во овој период во предизборјето да се зголеми бројот на пријави за вакви и слични ситуации но мора да се постапи по секој секој поединечен случај и да се донесе соодветена одлука.
Ако зборуваме за проценка на ризици од корупција, секогаш тргнуваме од некакви индикатори што е тоа што може да укажува на одредена состојба, вели претседателката на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Слаѓана Тасева
,,Ова се работи кои секако треба да влезат во таа проценка на ризици и Антикорупциска има и надлежност да следи после изборите дали ќе се сменат групите на компании кои што добиваат тендери после избори, затоа што тоа укажува на судир на интереси, на кронизам, на лица поврзани со партиите“, додава Тасева.
Според неа не може да се повикуваме на морална одговорност, треба објективно да се направи проценка, дали и како биле распишувани тендерите и дали навистина тоа биле најдобрите понудувачи кои добиле тендери.
За Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации кој со години работи на следење на јавните набавки многу е битно носителот на јавната набавка да направи дополнителни напори за да покаже и докаже дека направил се’ да го избегне судирот на интереси и да се одстранат сите сомнежи за коруптивно однесување.
,,Да се преземат сите мерки дека навистина морало од таа фирма да се набави тоа што се требало да набави, во спротивно секогаш ќе постои простор за сомневање на корупција , за постоење на судир на интереси“, додава Филков.
Доколку локалната самоуправа не работи транспарентно и не ги презентираат информациите на граѓаните, ние како опозиција имаме обврска тоа да го направиме и го правиме велат од ВМРО-ДПМНЕ но во последно време тоа го прават и други опозиционерки партии.
Бочварски вели :,,Апсолутно сум чист пред јавноста и ми е драго што досега покажувам дека етичкиот аспект и кодекс го почитувам максимално и повеќе од тоа“
Во прилог на слоганот ,,Избори се ближат“ се очекува ваквите пресови да се множат. Засега опозицијата бара морална одговорност, но што бараат граѓаните?
Нови , средени и осветлени улици, тротоари, средени детски игралишта , навремено исчистени а не замрзнати патишта и секако кој и како ги троши нивните пари.
Сторијата е дел од проектот ,,Реагирај на вистинското место што го спроведува „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„
Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.