Нов потрес ја погоди централна Турција со интензитет од 5,6 степени по Рихтеровата скала .Според најновите информации, Турските власти ја потврдија смртта на 2.921 лице, а над 15.000 се повредени откако нејзиниот југоисточен регион кој се граничи со Сирија го потресоа големи земјотреси. Потврдено е дека уште 1.444 лица загинале во Сирија. Најмалку 5.606 згради се урнаа во земјотресот, соопшти турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби.
Поради разорните земјотреси во јужните области на Република Турција, во кои загинаа стотици луѓе, во земјата е прогласена седумдневна национална жалост, потврди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Поради земјотресот во Турција прогласена е национална жалост во траење од седум дена“, наведе Ердоган и додаде: „Нашето знаме ќе биде спуштено на половина копје во сите наши претставништва во земјата и во странство до зајдисонце во недела, 12 февруари.“
Земјите ширум светот испратија тимови за да помогнат во напорите за спасување, но еден ден по земјотресот, бројот на екипите за итни случаи на теренот остана мал, а нивните напори ги попречуваат ниските температури и близу 200 последователни потреси, што ја направи потрагата низ таа нестабилна инфраструктура, опасна.